Европскиот суд ги потврди санкциите против рускиот милијардер Абрамович

Роман Абрамович

Европскиот суд за човекови права ги потврди санкциите против рускиот милијардер Роман Абрамович, кои му беа воведени откако Русија започна агресија против Украина.

„Општиот суд ја отфрла тужбата на г-дин Абрамовиќ, со што ги потврдува рестриктивните мерки преземени против него“, се вели во пресудата на највисокиот суд на ЕУ, како што пренесува Ројтерс.

Откако Русија започна целосна офанзива против Украина во февруари 2022 година, ЕУ санкционираше руски функционери и голем број руски бизнисмени, како што е Абрамович, додека замрзна стотици милијарди долари руски имот.

Рускиот милијардер започна правен спор против санкциите што му беа воведени.

Абрамович, кој исто така има израелско државјанство и е поранешен сопственик на англискиот фудбалски клуб „Челзи“, стана еден од најмоќните светски бизнисмени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

„Форбс“ неговото богатство го проценува на 9,2 милијарди долари.

Видете и ова: САД го обвинија олигархот Абрамович за кршење на санциите со извоз на авиони

Во март 2022 година, ЕУ го опиша Абрамович како „олигарх со блиски врски со Владимир Путин“, вклучително и „привилегиран пристап“ до шефот на Кремљ, врски за кои Брисел верува дека му помогнале да го задржи својот имот.

„Тој е исто така еден од водечките руски бизнисмени вклучени во економските сектори, обезбедувајќи значаен извор на приход на Владата на Руската Федерација, која е одговорна за анексијата на Крим и дестабилизацијата на Украина“, се наведува во одлуката на ЕУ за санкции од март 2022 година.

Абрамовиќ поднесе жалба на одлуката во мај 2022 година. Неговите адвокати тврдеа дека санкциите на ЕУ се неосновани и дека се наметнати исклучиво затоа што тој е познат руски бизнисмен.