ЕУ договори нови правила за азил и миграција

Мигрант гледа во граничната патрола на шпанско-францускиот граничен мост во Сантијаго, помеѓу Шпанија и Франција

Шпанското претседателство со Советот на ЕУ и Европскиот парламент во средата постигнаа договор за ревизија на правната рамка на Унијата за азил и миграција, се наведува на веб-страницата на ЕУ.

„Петте закони на ЕУ договорени од шпанското претседателство и парламентот се однесуваат на сите фази на управување со азил и миграција, почнувајќи од проверката на илегалните мигранти кога ќе пристигнат во ЕУ, собирањето биометриски податоци, процедурите за поднесување и обработка на барањата за азил,“, се вели во соопштението.

Во соопштението се додава дека се регулирани и „правилата за определување која земја-членка е одговорна за решавање на барањата за азил, како и соработката и солидарноста меѓу земјите-членки, како и начинот на справување со кризни ситуации, вклучително и случаи на инструментализација на мигрантите“.

„ЕУ го исполнува своето ветување за подобрување на системот за азил и миграција. Граѓаните ширум ЕУ сакаат нивните влади да се справат со миграцискиот предизвик и денес е направен голем чекор во таа насока“, рече шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез.

Видете и ова: Полска и Чешка ги продолжија граничните контроли со Словачка за да се спречи илегалната миграција

Тој додаде дека „оваа реформа е клучен дел од сложувалката“, но дека „ЕУ останува посветена да се справи со основните причини за миграцијата, да работи заедно со земјите на потекло и транзит и да се справува со проблемот со шверцот на мигранти“.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изјави дека „20 декември 2023 година ќе влезе во историјата“.

„Европа уште еднаш им пркоси на шансите. Многу сум горда што со Пактот за миграција и азил донесовме и обезбедивме решенија“, рече таа.

Шефот на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека „овој пакт за миграција и азил ќе обезбеди ефективен европски одговор на овој предизвик“.

„Ова значи дека Европејците ќе одлучат кој ќе дојде во ЕУ и кој ќе остане, а не шверцерите. Тоа значи дека ќе ги заштитиме оние на кои им е потребна помош. Овој пакт исто така ќе обезбеди земјите-членки одговорно да ја делат одговорноста, покажувајќи солидарност со оние кои ја штитат нашата надворешните граници, а истовремено спречувајќи ја илегалната миграција во ЕУ“, рече таа.

Видете и ова: Се води ли „хибридна војна“ со приливот на илегални мигранти на границата од Русија до Финска?

Истовремено, како реакција на политичкиот договор, групата на левицата во Европскиот парламент оцени дека ова е „црн ден за ЕУ.

„Штотуку договорениот пакт за миграција и азил ја означува смртта на индивидуалното право на азил во Европа. Ова е најзначајниот напад врз правата на азил и миграција од основањето на ЕУ“, рече левичарската група.

Организациите за човекови права предупредија на импликациите на договорот за мигрантите и барателите на азил.

„Конечниот договор подразбира крајно разочарувачки исходи во сите сегменти. Неговиот главен ефект ќе биде да го зголеми страдањето на границите и да го отежне барањето безбедност“, рече застапникот на ЕУ за миграција и азил на Амнести интернешнал, Оливија Сундберг Диез.

Повеќе од 50 непрофитни организации во отворено писмо предупредија дека пактот за миграција ќе им овозможи на земјите произволно да приведуваат деца, да преместуваат мигранти и да доведе до зголемено рано профилирање.