Американски сенатори: Размислете за повторување на изборите во некои региони во Србија

Претседателката на Сенатскиот поткомитетот за Европа, Џин Шахин

Американските сенатори Џин Шахин и Пит Рикетс ги повикаа институциите во Србија итно да размислат дали треба изборите да се повторат во одредени региони за, како што наведоа, да се осигураат дека резултатите ја одразуваат волјата на граѓаните.

Шахин и Рикетс, членови на Комитетот за надворешна политика на Сенатот, во изјавата испратена до Гласот на Америка велат дека се разочарани што, според ОБСЕ, имало бројни нерегуларности што укажуваат дека изборите „не биле ниту слободни, ниту фер“.

„Особено сме загрижени поради извештаите дека гласачите биле донесени во Србија со автобуси за да ја поддржат владејачката партија, заедно со извештаите за купување гласови и неовластено уфрлување на гласачки ливчиња во гласачките кутии“, рекоа двајцата сенатори.

Шахин е демократски сенатор од Њу Хемпшир и претседателка на поткомитетот на Сенатот за Европа, а Рикетс е републикански сенатор од Небраска.

Тие рекоа и дека Србија мора да ги почитува сите стандарди на Европската Унија, вклучително и слободни и фер избори, за да напредува на патот кон членство во ЕУ.

Видете и ова: Нов протест во Белград поради обвинувањата за изборна кражба

„Силно ги повикуваме сите релевантни институции да преземат итни чекори за да размислат дали овие неодамнешни избори треба да се повторат во одредени региони, за да се осигураме дека резултатите точно ги одразуваат желбите на граѓаните“, рекоа сенаторите.

Тие порачаа и дека Владата на Србија мора да ги реши недостатоците и сите неправилности изнесени во прелиминарниот извештај на ОБСЕ и конечниот извештај кога ќе биде достапен.

Претходно, Стејт департментот и Европската Унија ја повикаа Србија да ги истражи наводите за изборни нерегуларности од страна на меѓународните набљудувачи.

Видете и ова: Фон Крамон изрази сомнеж за регуларноста на изборите во Србија

Според првичните резултати, листата владејаќката партија „Србија не смее да запре“ добила најмногу гласови на републичките и покраинските избори, како и во Белград.

Најсилната опозициска листа „Србија против насилство“ бара поништување на изборите во Белград, тврдејќи дека победата на владејачката Српска напредна партија (СНС) во главниот град е резултат на изборна кражба.

Владејачката СНС ги отфрли обвинувањата за промена на изборната волја и нерегуларности.