Нов протест во Белград поради обвинувањата за изборна кражба

Поддржувачите на опозициската „Србија против насилството“ се собраа на протест пред РИК во Белград, 19 декември 2023 година.

На покана на најголемата опозициска коалиција во Србија – „Србија против насилството“, на 19 декември, демонстранти повторно се собраа пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) во центарот на Белград, барајќи поништување на изборите во Белград.

Вакво барање еден ден претходно коалицијата достави и во РИК тврдејќи дека Српска напредна партија (СНС), од чиј редови е и претседателот Александар Вучиќ, во Белград победила како резултат на изборна кражба.

Насобраните граѓани пред седиштето на РИК извикуваат „Предавство“ и „Излезете надвор“, барајќи да им се обратат членовите на Комисијата.

Еден од учесниците на протестот меѓу насобраните фрлаше „гласачки ливчиња“ на кои пишуваше „фалсификат“.

На протестот се фрлаа „гласачки ливчиња“ на кои пишува „фалсификат“, 19 декември 2023 година.

Во првите редови се студенти предводени од организацијата „Студентите против насилството“.

На протестот се приклучија и јавни личности кои во пресрет на изборите ја покренаа иницијативата „ПроГлас“, повикувајќи ги граѓаните да гласаат.

„Бидејќи сакаме власта да се менува, регуларни избори и отворени медиуми, дојдовме да ги поддржиме студентите и да ги разбереме нивните грижи“, рече на протестот една од иницијаторите на ПроГлас, поранешната ректорка на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ. .

Ова е втор протест кој го свикува најголемата опозициска коалиција. Демонстрантите се собраа пред седиштето на РИК и вчера (18 декември).

Видете и ова: ЕУ бара од Србија да го подобри изборниот процес

Градската изборна комисија ги „отфрли сите приговори“

Еден од лидерите на опозициската коалиција, Мирослав Алексиќ, на 19 декември пред седиштето на РИК изјави дека Градската изборна комисија ги отфрлила сите приговори поднесени од нејзините членови од опозицијата.

Тој ги повтори наводите за изборна кражба, наведувајќи дека организирано биле донесени 42 000 лица без легалено живеалиште во Белград за поддршка на листата на СНС.

Вчера (18 декември), Алексиќ и уште една лидерка на коалицијата Мариника Тепиќ започнаа и штрајк со глад во зградата на РИК.

„Остануваме во РИК додека не се исполни нашето барање - овие избори се украдени, мора да се поништат и да се распишат нови, со прочистен избирачки список“, изјави Алексиќ пред новинарите на протестот.

Видете и ова: Протест на листата „Србија против насилството“: Да се поништат изборите во Белград

СНС ги отфрла обвинувањата

СНС ги отфрли обвинувањата за промена на изборната волја и нерегуларности.

Претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, денеска (19 декември) изјави дека очекува нивниот кандидат Александар Шапиќ повторно да биде градоначалник на Белград бидејќи „листата на СНС победила во Белград“.

Тој за телевизијата Прва изјави дека евентуалното повторување на изборите зависи само од тоа дали ќе се формира мнозинство во градското собрание во Белград, бидејќи ниту една партија не може самостојно да ја формира градската власт.

Според прелиминарните резултати на Градската изборна комисија, партијата СНС на изборите во Белград освоила 49 од вкупно 110 мандати, а опозициската коалиција „Србија против насилството“ 42.

Видете и ова: Бранбиќ ја обвини опозицијата дека создава хаос, Вучиќ негира нерегуларности за време на изборите

Десничарската коалиција Надеж, пак, треба да има седум советници, листата на Социјалистичката партија на Србија на актуелниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ шест, а за првпат со шест освоени места во градското собрание ќе биде присутна и десничарската, проруска листа на докторот Бранимир Несторовиќ, познат по теориите на заговор.

На изборни нерегуларности во Србија укажаа и домашни и меѓународни набљудувачки мисии.

Дел од европратениците повикаа на независна истрага за сите пријавени неправилности.

Граѓаните на Србија на 17 декември гласаа на парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини.

СНС прогласи победа на сите нивоа.

Видете и ова: Вучиќ прогласи победа, но неизвесно е кој ќе биде власт во Белград