Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (19 декември) изјави дека верува оти дополнителната американска воена помош за одбрана на земјата од руска инвазија ќе пристигне наскоро и покрај индициите дека главниот закон за финансирање на Украина нема да помине во Конгресот до крајот на годината.
На годишната прес-конференцијата во Киев, Зеленски објави дека неодреден број системи за противвоздушна одбрана обезбедени од САД се на пат и оти Европејците исто така продолжуваат да обезбедуваат помош, но тој нагласи дека на Украина и е потребна итна помош за да продолжи со борбите, јавува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Во моментов ни треба помош од САД. Ни треба помош од Европската унија. Среќен сум што нашите партнери не сослушаа и не слушнаа. Мислам дека помошта за Украина ќе пристигне многу брзо“, рече Зеленски.
Видете и ова: ОН: Има знаци на тортура врз цивили во притвор на териториите под руска окупацијаНаведувајќи дека се очекува испорака на напредни противвоздушни ракетни системи НАСАМС, Зеленски рече дека е сигурен оти САД ќе го испорачаат сето она што го ветиле бидејќи Вашингтон разбира дека целата негова финансиска поддршка оди за потребата на Украина да се спротивстави на инвазијата.
„Сигурен сум дека САД нема да не издадат и дека ќе добиеме сè што беше ветено“, рече тој, додавајќи дека Украина воспоставила „специјални врски“ со партнерите во Европа – и во ЕУ и во другите европски земји – и дека продолжуваат со финансиската и воената помош.
Прес-конференцијата на украинскиот претседател доаѓа кога Белата куќа објави планови за поголема воена помош овој месец, а Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) одобри зголемување на капиталот од 4,3 милијарди долари за финансирање на Украина.
Зеленски може да смета на барем еден дополнителен пакет американска воена помош за Украина пред крајот на годината, но предложениот пакет од 100 милијарди долари за Украина, Израел и граничната безбедност е закочен во Конгресот додека претседателот Џо Бајден се обидува да ги убеди пратениците--главно републиканците – да одобрат понатамошна помош во форма на итно барање за финансирање.
Зеленски ја искористи прес-конференцијата за да им се заблагодари на вооружените сили на Украина и на партнерите и поддржувачите на земјата за нивниот придонес, но рече дека никој не знае кога војната ќе заврши.
Внатрешни прашања
Тој рече дека темата за мобилизација е „многу чувствителна“, додавајќи дека побарал повеќе информации откако армијата посакала да мобилизира од 450 000 до 500 000 луѓе.
Прес-конференцијата на Зеленски уследи по значителниот пад на неговиот рејтинг кај Украинците поради извештаите дека постојат разлики помеѓу него и началникот на украинската армија, генерал Валериј Залужни, како и поради недостатокот на видлив напредок на бојното поле по започнувањето на жестока контраофанзива летото.
Видете и ова: Путин порача: Војната во Украина ќе продолжи, целите остануваат истиЗеленски ги бранеше напорите на украинската војска, велејќи дека постигнала „голема победа“ во Црното Море со успешни удари на руски воени бродови и обезбедување на поморските трговски патишта.
„Секој може да оцени дека руската флота е лишена од речиси целосна доминација во украинското Црно Море“, рече Зеленски.
На прашањето за можни промени во Владата, тој посочи дека нема да може да работи доколку се ослободи од тимот од шест или седум луѓе околу него. Тој призна дека има некои пратеници кои „не се фокусираат на интересите на општеството“, но рече дека повеќето од нив „работат професионално“.
Тој призна дека има луѓе кои дале мито за да ја напуштат Украина и да заминат на Запад, додавајќи дека Киев работи на борбата против корупцијата и верува оти тоа „се прави како што треба“.
Зборувајќи за Залужни, тој кажа дека има должности како врховен командант и планира да соработува со него, но рече дека очекува конкретни резултати на бојното поле.
Тој одби дополнително да разговара за релацијата со него, велејќи: „Зошто да му помогнеме на непријателот зборувајќи за тоа?“.