Компанијата на Џеф Безос во вселената по едногодишна пауза

Лансирање на ракета „Њу Шепард“ од Тексас, 19 декември 2023 година.

Вселенската компанија „Блу Ориџин“ во сопственост на Џеф Безос успешно лансираше ракета со научна опрема во вторникот, на својот прв лет откако проблемот со моторот предизвика ракетата да падне пред повеќе од една година.

Иако мисијата НС-24 е натоварена со научна опрема и не носи луѓе, таа го отвора патот за компанијата на Безос да продолжи да ги носи богатите туристи до границите на вселената.

Ракетата „Њу Шепард“ полета од западен Тексас, подигнувајќи капсула полна со тестови, од кои многу беа во ракетата и при неуспешното лансирање во септември 2022 година. Ниту тој, ниту сегашниот лет немаа човечки екипаж.

Овој пат, за време на десетминутниот лет, капсулата достигна височина од 107 километри надморска височина, што е над меѓународно признаената граница на вселената позната како Карманова линија, која е на надморска височина од 100 километри.

Видете и ова: „Вирџин Галактик“ подготвена да ги испрати првите туристи во вселената

На тие височини, експерименталната опрема на НАСА и беше изложена неколку минути во бестежинска состојба, пред да се спушти.

Речиси 20 години, компанијата „Блу Ориџин“ лансира од оваа оддалечена област, југоисточно од Ел Пасо. Компанијата ги започна своите први експерименти за НАСА во 2019 година, а првиот човечки екипаж во ракетите, вклучувајќи ги Безос и неговиот брат, компанијата го имаше во 2021 година.

Вкупно, „Блу Ориџин“ имаше шест лета со екипаж со 31 патник.

„По темелно разгледување на денешната мисија, со нетрпение очекуваме наскоро да го летаме нашиот следен лет со екипаж“, рече коментаторката на лансирањето Ерика Вагнер.

Ракетата „Њу Глен“ на оваа компанија, дизајнирана да стигне до орбитата, допрва треба да полета. Компанијата има за цел да дебитира со неа некаде следната година од Кејп Канаверал, Флорида.