ЕУ бара од Србија да го подобри изборниот процес

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји во вторникот (19 ноември) ја повикаа Србија „опипливо да го подобри“ изборниот процес откако меѓународните набљудувачи го критикуваа начинот на кој се одржаа изборите на 17 декември.

„Очекуваме надлежните национални власти транспарентно да ги истражат веродостојните извештаи за нерегуларностите. Тука спаѓаат и наводите поврзани со локалните избори во Белград и другите општини“, се вели во нивното соопштение.

Тие наведуваат дека ги зеле предвид прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународните набљудувачи на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), кои оцениле дека изборите во Србија биле одбележани со сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавните средства, медиумска доминација на претседателот Александар Вучиќ, негативна кампања и поттикнување страв.

„Во светло на овие прелиминарни наоди и заклучоци, со загриженост заклучуваме дека изборниот процес бара опипливо подобрување и дополнителни реформи, бидејќи правилното функционирање на демократските институции на Србија е сржта на процесот на пристапување во ЕУ“, изјавија Борел и Вархеји.

Видете и ова: Фон Крамон изрази сомнеж за регуларноста на изборите во Србија

Тие, исто така, го повикаа српското политичко раководство да „обезбеди конструктивен и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар“.

ЕУ го очекува конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР и препораките за следните избори, коишто препораки треба да се спроведат што е можно поскоро и долго пред следните избори, изјавија високи европски претставници.

Според прелиминарните резултати на Градската изборна комисија, на локалните избори во Белград, листата на Српската напредна партија (СНС) од чиј редови е претседателот Вучиќ освоила 49 мандати, а листата на проевропските опозициски партии „Србија против насилството“ освоила 42 советнички места. Третата во градското собрание ќе биде коалицијата на десничарските партии Надеж со седум мандати. Шест советници освои коалицијата околу Социјалистичката партија на Србија на актуелниот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, како и проруската десничарска листа на Бранимир Несторовиќ „Ние – глас од народот“.

Коалицијата „Србија против насилството“ во денеска ги повтори барањата за поништување на изборите во Белград и распишување нови, тврдејќи дека победата на владејачката СНС во главниот град е резултат на изборна кражба.

Сомнеж за регуларноста на изборниот процес изрази и европратеничката Виола фон Крамон, член на набљудувачката мисија на Европскиот парламент за изборите во Србија.

„Сведоци сме на случаи на организирано носење гласачи од Република Српска и заплашување на гласачите. Апсолутно очекувавме повисоки демократски стандарди од земја која е кандидат за членство во ЕУ, која преговара за членство во ЕУ. Меѓународен надзор и целосна истрага се потребни“, рече Фон Крамон на платформата X (поранешен Твитер).

Во Србија во неделата, покрај локалните избори што се одржаа во 60-тина општини, се гласаше и на вонредни парламентарни избори.

Според прелиминарните резултати и за парламентарните избори на основа на 98,15 отсто обработени гласачки места кои ги објави Републичката изборна комисија (РИК), најмногу гласови освоила листата на СНС „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ – 46,64 отсто.

Видете и ова: Вучиќ прогласи победа, но неизвесно е кој ќе биде власт во Белград

Втора по бројност е проевропската опозициска коалиција „Србија против насилството“ со 23,65 отсто освоени гласови.

Третопласирана е листата „Ивица Дачиќ – Премиер на Србија“ со 6,57 отсто.

Следат коалицијата Надеж со 5,03 и „Ние – Глас од народот“ на Несторовиќ со 4,7 отсто.

Останатите кандидатски листи се под цензусот од три отсто од вкупниот број гласови на граѓаните што излегле да гласаат.

Тоа не се однесува на листите на малцинствата кои влегуваат во српскиот парламент и кога не го поминуваат цензусот. Така, на овие избори, според прелиминарните резултати, пратеници ќе има од пет листи на малцинствата, а од нив најмногу гласови освоила листата на Сојузот на војводински Унгарци – 1,7 отсто.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Не ги даваме гласовите“ - протест на опозицијата во Белград

Инаку, пред просториите на РИК, на повик на опозициската „Србија против насилството“ вчера се одржа и протест додека во тек беше седницата за констатирање на резултатите. На повикот на опозицијата се одзваа голем број демонстранти кои заеднички побараа поништување на изборите за Белград поради бројни нерегуларности и затоа што сметаат дека резултатите не се одраз на изборната волја на граѓаните.

Владејачката СНС, пак, ги отфрли обвинувањата за прекројување на изборната волја и нерегуларностите.