Ратификацијата на шведското членство во НАТО во турскиот парламент зависи од одобрувањето на барањето на Турција во американскиот Конгрес за купување на борбени авиони Ф-16, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, повикувајќи ги двата парламента да дејствуваат „истовремено“.
Ердоган, исто така, во изјавата во вторникот рече дека Канада и другите сојузници на НАТО мора да го укинат ембаргото за оружје воведено за неговата држава.
„Позитивниот развој на настаните во САД за прашањето за Ф-16 и исполнувањето на канадските ветувања ќе го забрзаат позитивниот став на нашиот парламент (за членството на Шведска)“, рече Ердоган, додавајќи дека „сето тоа е поврзано“.
Турскиот претседател ова го изјави доцна во понеделникот при враќањето од посетата на Унгарија. Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои официјално не ја одобрија кандидатурата на Шведска за приклучување кон трансатлантската воена алијанса. Изјавата на Ердоган ја пренесе државната новинска агенција Анадолија.
Видете и ова: Турскиот парламент ја одложи дебатата за кандидатурата на Шведска во НАТОТој им рече на новинарите дека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го покренал прашањето за истовремено одобрување од турскиот парламент и од Конгресот за време на разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен оваа недела.
„Ако го направиме ова во исто време, ќе имаме шанса многу полесно да го поминеме ова низ парламентот“, му рекол Фидан на Блинкен, според Ердоган.
Ердоган во октомври го поднесе протоколот за прием на Шведска во парламентот, но процесот на ратификација заглави.
Турскиот лидер потоа го поврза ова прашање со Конгресот, кој го одобри барањето на Турција за купување на 40 борбени авиони Ф-16 и опрема за модернизирање на постојната флота.
Турција го одложува ратификувањето на членството на Шведска повеќе од една година. Анкара ја обвини Шведска дека не ги сфаќа доволно сериозно безбедносните грижи на Турција, вклучително и нејзината борба против курдските милитанти и другите групи кои турските власти ги сметаат за закани за безбедноста.
Видете и ова: Столтенберг ја повика Унгарија да го ратификува барањето на Шведска за членство во НАТООдложувањето ги фрустрираше другите сојузници во НАТО, кои брзо ги прифатија Шведска и Финска во алијансата откако овие соседни земји ја напуштија својата долгогодишна воена неутралност по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Унгарија посочи дека нема да биде последна што го одобрува пристапувањето, иако владејачката партија Фидес, која има уставно мнозинство во унгарскиот парламент, одби да гласа за ова прашање.