Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Волкер Турк, рече дека неговата канцеларија документирала најмалку 100 смртни случаи на цивили во руски притвор на украинските територии окупирани од Русија, вклучително и на анектираниот полуостров Крим.
Повикувајќи се на новиот извештај на ОН, Турк во вторникот во Женева објави оти има знаци дека најмалку 39 цивили биле мачени пред нивната смрт.
Податоците наведени од Турк се однесуваат на целиот период од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.
„Практиките на тортура и друго сурово постапување се широко распространети во затворите на териториите окупирани од Русија. Многу од случаите на тортура што ги документиравме вклучуваат сексуално насилство“, рече тој.
Русија не им дозволува на претставниците на ОН за човекови права пристап до центрите за притвор на окупираните територии, што го отежнува документирањето, рече Турк. Тимовите исто така не можат да ги видат ниту украинските воени заробеници, а нивните семејства генерално не може да слушнат и дознаат ништо за нивните затворени роднини.
Видете и ова: Путин порача: Војната во Украина ќе продолжи, целите остануваат истиКанцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН истражува шест случаи на руски војници кои наводно убивале цивили на окупираните територии, рече Турк.
Русија претходно најави апсење на двајца војници кои наводно убиле деветчлено семејство во областа Доњецк.
Турк објави дека Русија принудува некои Украинци на окупираните територии да се борат во руската армија против сопствениот народ.
До крајот на ноември, украинските власти поднесоа приближно 8 600 обвиненија за соработка против жителите на областите окупирани од Русија.
Пресуди беа донесени во 941 од овие случаи, соопшти ОН.
Меѓутоа, во многу случаи, луѓето се обвинети за одржување на работата на училиштата, социјалните и другите институции, рече Турк, наведувајќи дека тој не го смета ова за кривично дело.
Турк ги повика украинските власти да ја намалат дефиницијата за „соработка“.