Две обвинителки и еден обвинител се пријавиле на огласот за нов државен обвинител на местото на актуелниот Љубомир Јовески чиј мандат трае до 25 декември 2023 година.
Во трка влегуваат Фатиме Фетаи, која на јавноста и стана позната како обвинителка која беше дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). По згаснувањето на СЈО септември 2019 година, Фетаи се врати во матичното скопско Основно јавно обвинителство (ОЈО), а во април 2021 беше избрана за виша обвинителка во Скопје.
Лидија Раичевиќ, пак, е актуелна обвинителка во ОЈО Скопје, а беше и еден од кандидатите кои конкурираа за државен обвинител во 2017 година, кога Јовески беше избран на позицијата.
Љупчо Коцевски, пак, е обвинител во републичкото обвинителство, каде беше унапреден во јануари 2022 година.
Актуелниот обвинител Јовески стапи на функцијата на 25 декември 2017 година, а дојде на местото на Марко Зврлевски кој беше разрешен во август истата година.
Видете и ова: Десетици закони и одлуки во Собрание чекаат „брзи прсти“Кандидатурите на тројцата обвинители од Собранието ги доставиле до Владата која, според Законот за јавно обвинителство, ќе треба да се обрати за мислење до Советот на јавни обвинители.
Ова тело треба да даде образложено позитивно или негативно мислење во рок од 15 дена. Од оправдани причини овој рок може да се продолжи за 15 дена. Од оние за кои Советот дал позитивно мислење, Владата ќе треба да избере еден и да го предложи до Собранието кое на пленарна седница го избира со мнозинство гласови.
Советот на јавни обвинители може и воопшто да не даде мислење, но во таков случај ќе се смета дека тоа е позитивно. Во случај за сите кандидати да даде негативна оценка, тогаш Владата ќе треба да му предложи на Собранието да го повтори огласот и постапката да почне од почеток.
Со оглед дека во ситуацијата, за помалку од една недела ќе му заврши мандатот на Јовески извесно е дека во меѓувреме јавното обвинителство ќе треба да функционира со в.д. државен обвинител.
Законот предвидува доколку на актуелниот му истече мандатот или е разрешен, Советот на јавни обвинители во меѓувреме треба да назначи вршител на должност, но тој не смее да ја извршува функцијата подолго од шест месеци.