Две работи се клучни за стабилноста на државата: меѓуетнички односи и продолжување на евроинтеграциите, порача претседателот Стево Пендаровски во годишниот говор пред пратениците во македонското собрание. Тој посочи дека е потребно национално обединување за евроатлански аспирации на Северна Македонија, баланс во меѓуетнички односи, постигнување на економски раст и нулта толеранција за криминалот и корупцијата.
„Ние не ја завршивме нашата домашна задача, но тешко е да се најде логика во последните одлуки на Европската Комисија. Државата мора да остане на патот на европските интеграции, без оглед кој ќе раководи со неа по изборите во мај. Евентуалното забавување на еуинтеграциите нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општеството“, рече Пендаровски и побара од следниот парламентарен состав да ги усвои уставните измени, но притоа како што рече, да има почесен однос кон јавноста за тоа прашање.
Тој зборуваше и за спрегата меѓу судиите и обвинителите и политичката и бизнис заедница, која како што рече, создала атмосфера на ендемска корупција што ја загрозува виталноста на државата.
„Ниту еден закон не може да ја промени реалноста, ако единствен критериум за вработување е партиски клиентелизам и непотизам. Впечатокот е дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата од домашните институции“, рече шефот на државата.
Видете и ова: Што ги мачи граѓаните - Корупцијата повеќе од сиромаштијатаСепак Пендаровски смета дека најголема закана за иднината на земјата е демографијата, односно поразителните податоци на Државниот завод за статистика, според кои Северна Македонија ќе загуби половина милион жители до 2070 година.
„Реалноста е дека сите етнички заедници се помалку и дека сите сме загрозени. Потребна е стратегија и од власта и од опозицијата која ќе се базира на податоците од пописот“, рече Пендаровски.
Видете и ова: Северна Македонија ќе загуби половина милион жители за 50 годиниОсврнувајќи се на војната помеѓу Израел и Газа шефот на државата, Пендаровски истакна дека Северна Македонија треба да го прогласи Хамас за терористичка организација.
„Јасен е ставот, Хамас е терористичка организација и дојдено е време тоа да го потврдиме со формална одлука. Израел има право на самоодбрана. Но треба да се води сметка и за човековите права. Најважно за нас, е дека е потребно одговорно постапување на сите политички субјекти во врска со тој судир за да не се продлабочат поделбите во мултиетничкото општество“, рече претседателот.
Пендаровски подвлече дека членството на земјава во НАТО не е гаранција од безбедносни ризици, но дека е гаранција дека во каков и да е ризик нема да сме сами, туку ќе ја имаме поддршката од сите земји членки на воената Алијанса.