Европратеничката Виола фон Крамон, член на набљудувачката мисија на Европскиот парламент за изборите во Србија, изрази сомневање за регуларноста на изборниот процес.
„Сведоци сме на случаи на организирано регрутирање гласачи од Република Српска и заплашување гласачи. Апсолутно очекувавме повисоки демократски стандарди од земја кандидат за членство во ЕУ, која преговара за членство во ЕУ. Потребен е меѓународен мониторинг и целосна истрага“, напиша Фон Крамон на мрежата X.
Таа посочи дека изборите се одржале во нееднакви услови и спроведени со чести нерегуларности на денот и пред изборите, меѓу кои, како што наведе, злоупотреба на административни ресурси, купување гласови и нарушување на тајноста на гласањето.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во Србија на 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград.
Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) оцени дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавните средства, медиумска доминација на претседателот на државата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.
Дел од опозицијата тврди дека победата на владејачката Српска напредна партија (СНС) во Белград е резултат на изборна кражба и дека нема да ја признаат.