Најмалку 20 убиени во Рафа, одложено гласањето на Советот за безбедност за прекин на огнот

илустрација

Најмалку 20 лица загинале во градот Рафа во јужниот дел на Газа по нападите во текот на ноќта во регионот, соопшти Министерството за здравство на Хамас.

Според официјални лица од Газа, израелски проектили и воздушни напади погодиле три станбени згради.

Илјадници жители на Газа се засолнуваат во Рафа, кој се граничи со Египет во јужниот дел на Појасот Газа, додека израелските сили им наредуваат на цивилите да избегаат на југ додека продолжуваат борбите во вториот по големина град во Газа, Кан Јунис.

Во меѓувреме гласањето во Советот за безбедност на ОН е одложено за да се избегне ново вето од страна на САД, најблискиот сојузник на Израел.

Видете и ова: Борел го критикуваше Израел за неселективни напади во Газа

Нацрт-резолуцијата првично бараше „итен и одржлив прекин на непријателствата“ за да се овозможи непречен пристап за испорака на хуманитарна помош за жителите на Газа. Сепак, извештаите покажуваат дека терминот би можел да се преформулира како „суспендирање“ на непријателствата, со цел да се добие поддршката од Вашингтон.

Потегот доаѓа откако шефовите на американското и израелското разузнавање се сретнаа со премиерот на Катар - кој дејствува како посредник во разговорите со Хамас - за да се обидат да обезбедат ослободување на повеќе израелски заложници.

Ова е прва ваква средба по завршувањето на еднонеделниот прекин на огнот минатиот месец.

Повеќе од 18 800 Палестинци, од кои 70 отсто се жени, мали деца и адолесценти, се убиени во Појасот Газа во израелските бомбардирања од 7 октомври.