Прелиминарни резултати од изборите во Србија: СНС со најмногу гласови, втора е Србија против насилството

Парламентот на Србија.

Прелиминарните резултати на Републичката изборна комисија (РИК) покажуваат дека на парламентарните избори во Србија, изборната листа „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила најголем број гласови – 46,71 отсто.

Втора по бројот на освоени гласови е листата „Србија против насилството“ со 23,58 отсто.

Tрета листа е „Ивица Дачиќ - премиер на Србија“ со 6,57 отсто гласови.

По нив следуваат „Надеж за Србија“ со 5,03 отсто и „Ние - гласот на народот“ со 4,69 отсто.

Сите други мнозински листи се под цензусот.

Видете и ова: Протест на листата „Србија против насилството“: Да се поништат изборите во Белград

Цензусот го поминаа уште пет малцински листи, од кои најмногу гласови освои Сојузот на Унгарците од Војводина, со 1,7 отсто од гласовите.

Резултатите се презентирани врз основа на евиденцијата од 96,68 отсто обработен материјал од сите 8.273 избирачки места.

Во изборната трка за пратеници учествуваа 18 листи.

Седницата на која беа објавени прелиминарните резултати од парламентарните избори се одржа и покрај истовремениот протест пред зградата на РИК во центарот на Белград.

Видете и ова: Бранбиќ ја обвини опозицијата дека создава хаос, Вучиќ негира нерегуларности за време на изборите

На покана на опозициската коалиција „Србија против насилството“ пред седиштето на Републичката изборна комисија се собраа голем број демонстранти кои бараат поништување на локалните избори во Белград, за кои тврдат дека биле одбележани со бројни нерегуларности и дека резултатите не ја одразуваат изборната волја на граѓаните.

СНС ги отфрли обвинувањата за кршење на изборната волја и нерегуларности на кои укажаа набљудувачите на ЦРТА, како и претставниците на меѓународната Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Во Србија на 17 декември се одржаа вонредни парламентарни и покраински избори во Војводина, како и избори во 65 градови и општини, вклучително и Белград.

Српската напредна партија прогласи победа на сите нивоа.