Забрана за руските дијаманти во 12-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија

Дијаманти од рускиот производител Алроса (архивска фотографија)

Европската унија (ЕУ) го усогласи последниот предлог за пакет санкции против Русија, како одговор на Брисел на руската агресија врз Украина.

Новиот пакет санкции вклучува директна забрана за увоз на руски неиндустриски дијаманти, која ќе се применува од 1 јануари 2024 година, како и постепена забрана за увоз на дијаманти од трети земји, чија примена ќе започне во март следната година.

Други мерки вклучуваат заострување на доказите што се бараат од компаниите кои тврдат дека ги почитуваат ограничувањата на руската цена на нафтата, како и мерките за спречување на Русија да прима стоки со двојна употреба.

Видете и ова: Унгарија ја блокираше помошта од ЕУ за Украина

Тоа значи дека компаниите од ЕУ ќе бидат принудени да потпишат договори со своите партнери со кои се забранува реекспорт во Русија.

Во последниот пакет санкции проширен е списокот на поединци или субјекти кои се забранети во ЕУ. Меѓу нив е и Илја Медведев, син на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

Ова е 12-ти пакет санкции на ЕУ против Русија од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.

Се очекува земјите-членки на ЕУ да го одобрат пакетот во понеделник навечер.