Во најава онлајн настава во Чашка, родителите се против

ОУ „Тодор Јанев“, општина Чашка

Министерството за образование (МОН) ја разгледува можноста да воведе онлајн настава во ОУ „Тодор Јанев“ во општина Чашка за да продолжи наставата, но родителите велат дека и таа настава ќе ја бојкотираат и ќе го продолжат протестот почнат пред три недели поради воведување паралелка на албански јазик во ова училиште, за пет првачиња.

Министерот за образование, Јетон Шаќири за РСЕ потврди дека предлогот за кој се размислува е учениците да учат онлајн до крајот на првото полугодие за веќе да не губат часови.

Според Цвета Пешевска, претседателка на Советот на родители во ОУ „Тодор Јанев“, директорката на училиштето Елена Николова денеска веќе им пренела на наставниците да се организираат за онлајн настава.

„Известен е секој одделенски раководител, информацијата се сподели меѓу родителите и ние сме категорично против. Ќе го продолжиме бојкотот, кој е заради незаконското работење на директорката. Поднесовме уште едно барање до Државниот инспекторат за труд да ги следи и новите огласи за вработување што повторно ги распиша училиштето“, изјави Пешевска за РСЕ.

Советот на родители обвинува дека паралелката на албански е незаконски формирана, дека петте деца - првачиња се внесени во дневникот неодамна, но без главна книга, дека в.д. директорката е незаконски назначена, и како што велат, дека таа продолжува незаконски да распишува огласи за вработувања.

Директорката на училиштето не одговори на нашите повици.

Видете и ова: Нема заеднички јазик за јазикот во Чашка - политиката ги затвори училниците

Од МОН минатата недела соопштија дека во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка е постапено според барањата на дел од жителите откако сите останати услови се исполнети (простор и пари) и се отвора паралелка на албански наставен јазик.

„Непотребно е мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите, да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик“, соопштија од МОН.

Халит Ферати, директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), пак, посочи дека не се проблем законите и функционирањето на училиштето, „колку што е проблем една толпа која протестира против албанскиот јазик и против директорката“.

„Тоа е само алиби на луѓе од партии да го нарушуваат редот и мирот. Од тие што протестираат, 7-8 се вработени во општина. Со Чашка управува градоначалник од СДСМ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Се прави блокада по етничка основа за градоначалникот да биде херој“, изјави Ферати за РСЕ во петокот(15 декември).

Чашка е мултиетничка општина во која, според резултатите од пописот од 2021, живеат 7.942 жители. Од нив, 3071 се изјасниле како Македонци, а 4032 како Албанци.

Според Македонците - министерот за образование Јетон Шаќири насилно и притивзаконски сака да отвори албанска паралелка во Чашка, иако има и други училишта во кои наставата е на албански јазик. Според Албанците, тие имаат уставно право да учат на мајчин јазик.

Последен пат иницијатива за паралелка на албански јазик во Чашка имаше во 2019 година. Тогаш Советот на општината го отфрли предлогот. Од вкупно 11 члена, шест гласаа „против“, четворица „за“ и еден беше воздржан.