Обединетите Нации загрижени за „присилното исчезнување“ на Навални

Алексеј Навални во затвор во Русија

Маријана Кацарова, специјален известувач на ОН за човекови права во Русија изјави дека „присилното исчезнување“ на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е алармантно и побара Москва веднаш да го ослободи.

На адвокатите на критичарите на Кремљ им беше забрането да се сретнат со него од 6 декември, а тој не се појави на закажаното судско рочиште минатиот петок.

„Многу сум загрижена што руските власти нема да откријат каде се наоѓа и каква му е состојбата на г-дин Навални толку долг период што претставува присилно исчезнување“, рече Кацарова.

Навални кој беше трн во окото на рускиот лидер Владимир Путин, беше затворен во 2021 година откако доброволно се врати од Германија каде што беше лекуван поради, како што покажаа западните лабораториски тестови, обид за труење со нервен агенс.

Видете и ова: Соработниците на Навални велат дека исчезнал од затворот

Навални рече дека бил отруен во Сибир во август 2020 година. Кремљ негираше дека стои зад обидот за убиство на Навални и вели дека нема докази дека бил отруен со нервен агенс.

Казната му беше продолжена на 19 години оваа година поради обвинение за екстремизам.

Кацарова рече дека изразила загриженост до руските власти откако на тимот на Навални во петокот, 15 декември, му било кажано дека тој бил преместен од Владимирската област во близина на Москва четири дена претходно и дека тој е одведен на непозната локација.

Семејството и адвокатите на Навални испратија писма до сите затворски колонии обидувајќи се да го идентификуваат неговото место на живеење, рече таа.

„Тие ги добија првичните информации дека можеби е во казнена колонија во Омск, но тие информации подоцна беа отфрлени“, рече Кацарова во соопштението.

Видете и ова: Навални со денови во изолација, адвокатите не смеат да го видат

На почетокот на оваа година, судот нареди Навални да биде префрлен во построг затвор.

Кацарова рече дека обвиненијата за екстремизам за кои е осуден се „неосновани“ и предупреди дека притворениците се соочуваат со висок ризик од сериозни прекршувања на правата за време на транспортот.

Независниот експерт, назначен од Советот за човекови права на ОН, но кој не зборува во име на ОН, инсистираше на тоа дека „терминот „екстремизам“ нема основа во меѓународното право“.

Во изјавата таа го критикува „безмилосното кривично гонење на г-дин Навални“, кое беше „нашироко осудено на меѓународно ниво, што укажува на очигледна злоупотреба на судскиот систем за политички цели“.

Кацарова рече дека тројца од адвокатите на Навални биле уапсени во октомври, исто така под обвинение за екстремизам и сега ризикуваат подолга затворска казна.

На 12 декември Европската Унија го повтори повикот за ослободување на Навални, а шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека е „многу загрижувачко“ што не се знае каде е рускиот опозициски лидер.