Зеленски: Киев планира брзо да ги придвижи преговорите за членство во ЕУ

Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник (17 декември) рече дека Киев наскоро официјално ќе го започне процесот за кој се надева дека ќе доведе до членство на Украина во Европската Унија. Ова следува откако на самитот на ЕУ во Брисел на 14 декември беше одлучено Унијата да почне преговори со Украина и со Молдавија.

„Во наредните денови, со Европската Комисија, официјално ќе го започнеме процесот на проценка на усогласеноста на украинското законодавство со законодавството на ЕУ - односно процесот на проверка“, рече Зеленски во видео обраќање.

„Ние исто така се подготвуваме за работата на преговарачката рамка за Украина. Ја очекуваме на пролет“, изјави украинскиот претседател.

Тој сепак додава дека процесот нема да биде „лесен“.

Видете и ова: Бриселски блог: „Скриеното“ значење на двете реченици на ЕУ за Украина

Пред неколку дена, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел објави дека лидерите на Европската унија (ЕУ) се согласиле да започнат преговори за членство со Украина. Оваа одлука украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави како „победа“ за неговата земја и Европа.

„Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија“, објави Мишел на 14 декември на самитот на ЕУ во Брисел.

Мишел соопшти дека на самитот и е доделен статус на кандидат за ЕУ на Грузија, а за Босна и Херцеговина е изразена подготвеност да ги отворат преговорите за членство „кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство“.