Во 20 часот вечерва заврши гласањето во Србија на предвремени парламентарни, покраински и локални избори во 60-тина градови и општини. По 20 часот останаа да гласаат само оние граѓани кои во тоа време се затекнале на местото на гласање.
Последните информации за излезноста од Републичката изборна комисија (РИК) се однесуваат до 18 часот и според нив, правото на глас го искористиле 51,93 отсто. Во однос на изборите во април 2022 година, излезноста денеска е повисока за нешто повеќе од еден отсто. На ланските избори до 18 часот гласаа 50,82 отсто.
Набљудувачите од невладината организација Црта, пак, соопштија дека до 19 часот гласале 55,5 отсто од гласачите, а изборниот ден го оценија како „многу тежок и лош“.
„Изборниот ден беше тежок и лош, пред сè имајќи ги предвид изразените кршења на правата на гласачите – не само на основа на доказите на нашите набљудувачи, туку и во однос на големиот број пријави кои ги добивме од граѓаните“, изјави програмскиот директор на Црта, Рашо Недељков.
Видете и ова: Изборите во Србија како референдум за владеењето на ВучиќПретседателот на Србија, Александар Вучиќ по гласањето рече дека очекува неговата партија Српска напредна странка (СНС) да освои „убедлива“ победа.
„Кога велам убедлива победа, верувам дека листата ’Србија не смее да запре‘ ќе биде блиску до апсолутно мнозинство или ќе има апсолутно мнозинство. Мислам дека е важно Србија да продолжи по патот на просперитетот“, рече Вучиќ.
Тој не е кандидат на изборите, но листата на СНС го носи неговото име.
Актуелната премиерка Ана Брнабиќ, која е кандидатка на листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ рече оти се надева на победа и оти луѓето ќе гласаат за резултати, планови и програми.
Од штабот на опозициската коалиција „Србија против насилството“ соопштија дека нивниот систем за пријавување нерегуларности забележан над 450 кршења на изборните правила.
„Ова се избори со најголем број нерегуларности кои сме ги имале до сега“, рекоа од штабот.
Видете и ова: Американскиот амбасадор во обиколка на гласачки места во СрбијаВо текот од изборниот ден, медиумите забележаа автобуси од Република Српска, Босна и Херцеговина, кои превезуваат гласачи до пред Штарк арената во Белград, кој е клучен за денешните избори. Претседателот на РИК, Владимир Дамјановиќ, се прогласи за ненадлежен бидејќи таму немало избирачки места. Двајца членови на РИК, пак, кои се претставници на опозицијата се упатија кон Штарк арената, но на влезот ги запре приватно обезбедување со објаснување дека тоа е „приватно сопствеништво“ и оти во арената „се снима филм“.
Радио Слободна Европа (РСЕ) и телевизијата Н1 снимаа автобуси кои доаѓаат од Република Српска. Некои од лицата, не знаејќи дека разговараат со новинарка на Н1, рекоа дека дошле да гласаат. На прашање зошто граѓанската должност не ја извршуваат во своето живеалиште, не знаеја да одговорат.
Премиерката Ана Брнабиќ, се огласи за овој случај на платформата Икс (поранешен Твитер) прашувајќи што е незаконски.
„Што е овде незаконски – луѓе наши државјани, запишани во Избирачкиот список, доаѓаат организирано, гласаат на местата каде опозицијата има 80 отсто контрола, плус 5 600 меѓународни набљудувачи“, рече Брнабиќ.
Од опозициската коалиција Србија против насилството, пак, Штарк арената денеска ја нарекоа „собирен центар на фантомските гласачи“.
Видете и ова: Србите од Косово организирано одат на гласањеГласањето во Србија денеска се одвиваше на вкупно 8 273 избирачки места, а своето право на глас на парламентарните избори ќе можат да го остварат 6 500 666 запишани избирачи. Во Белград бројот на гласачи изнесува 1 613 190.
Граѓаните на Србија на вонредните парламентарни избори бираат 250 пратеници за српскиот парламент.
На парламентарните избори учествуваат 18 изборни листи, 13 покраински, а на локалните во Белград свои претставници кандидираа 14 листи.