Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, во неделата (17 декември) изјави дека како набљудувач посетил неколку избирачки места во Белград каде видел голем број луѓе кои излегле да гласаат.
По посетата на избирачкото место во Петтата белградска гимназија, Хил рече дека е задоволен што изборите ги следат 5 800 меѓународни и странски набљудувачи.
„Американската амбасада има 14 тима распоредени низ Србија и Белград“, рече тој и додаде дека се уште не може да зборува за севкупната оценка на изборите.
Видете и ова: Излезноста на изборите во Србија малку повисока од ланиВо досегашниот тек од изборниот ден, медиумите забележаа автобуси од Република Српска, Босна и Херцеговина, кои превезуваат гласачи до пред Штарк арената во Белград. Претседателот на РИК се прогласи за ненадлежен бидејќи таму немало избирачки места.
Попладнево се огласи и директорот на арената и член на владејачката Српска напредна партија (СНС), Горан Грбовиќ, кој рече дека не знае ништо.
„Ние тука имаме кошаркарски турнир, воопшто не знам за што се работи“, рече Грбовиќ за порталот „Време“.
Радио Слободна Европа (РСЕ) и телевизијата Н1 снимаа автобуси кои доаѓаат од Република Српска. Некои од лицата, не знаејќи дека разговараат со новинарка на Н1, рекоа дека дошле да гласаат. На прашање зошто граѓанската должност не ја извршуваат во своето живеалиште, не знаеја да одговорат.
Видете и ова: Србите од Косово организирано одат на гласањеДвајца членови на РИК од редовите на опозицијата се упатија кон Штарк арената, но на влезот ги запре приватно обезбедување со објаснување дека тоа е „приватно сопствеништво“ и оти во арената „се снима филм“.
На прашањето зошто се носат луѓе кои потоа влегуваат во арената, човек кој се претстави како член на обезбедувањето одговори: „Статисти, статисти“.
Новинарката на РСЕ снимаше група мажи пред влезот на арената во Белград и на нејзиното прашање која е нивната улога, тие одговорија дека „го чуваат влезот за некој да не влезе“.
Програмскиот директор на набљудувачката мисија Црта, Рашо Недељков изјави дека е забележано организирано носење гласачи од Босна и Херцеговина, како и од други поранешни републики во Југославија. Тој рече дека ќе им биде потребно повеќе време да ги обработат сите податоци во врска со ова.
Во Србија денеска се гласа на вонредни парламентарни избори, но и на покраински, како и локални во 60-тина општини и градови. Меѓу нив е и Белград, каде се очекува да се води клучната битка помеѓу владејачката коалиција на претседателот Александар Вучиќ и проевропската опозиција обединета под слоганот „Србија против насилството“.
Видете и ова: Изборите во Србија како референдум за владеењето на ВучиќГласањето се одвива на вкупно 8 273 избирачки места, а своето право на глас на парламентарните избори ќе можат да го остварат 6 500 666 запишани избирачи. Во Белград бројот на гласачи изнесува 1 613 190.
Граѓаните на Србија на вонредните парламентарни избори бираат 250 пратеници за српскиот парламент.
На парламентарните избори учествуваат 18 изборни листи, 13 покраински, а на локалните во Белград свои претставници кандидираа 14 листи.