Пациенти отсега ќе се транспортираат и со медикоптер

Хеликоптер на МВР за транспорт на пациенти опремен со медицинска опрема

Ловџија кај тетовското село Букович денеска наутро (17 декември) се здобил со скршеница на десната нога. Теренот каде се повредил бил непристапен за Итната медицинска помош да може да го преземе и транспортира во болница за да се направи рендген снимка и детално да се утврдат повредите. За среќа, тој брзо бил транспортиран благодарение на полициски хеликоптер опремен со медицинска опрема.

Ловџијата од тетовско е првиот пациент кој летал со вака опремениот хеликоптер во државата или т.н. медикоптер и неговиот случај беше причината министрите за внатрешни работи и за здравство, Оливер Спасовски и Фатимир Меџити, да задоцнат на настанот на кој го промовираа токму овој пилот-проект што започнува денеска како плод на соработката помеѓу двете министерства.

Хеликоптерот може да се присбособи со медицинска опрема за транспорт на пациент во период од 10-тина минути

Станува збор за хеликоптер на единиците на МВР кој има современа опрема за воздушен транспорт, а ќе се користи за ризични пациенти да може да се транспортираат до поголемите медицински центри во државата. Пилотите од МВР во транспортот ќе ги придружува и искусен медицински тим од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Проценките се дека неколкуте часа кои се потреби за пациент да се пренесе со возило од најдалечните медицински установи, ќе се скратат на период од 40-тина минути со хеликоптер. Транспортот нема да им се наплаќа дополнително на граѓаните.

„Брзиот транспорт на пациентите е исклучително важен во ургентни состојби. Првиот час по настанување на критична здравствена состојба, ние лекарите го нарекуваме ’златен час‘. Токму во тоа време соодветна интервенција значително ги подобрува шансите за позитивен исход. За сите тие медицински состојби, сега имаме ултрабрз транспорт“, рече министерот Меџити.

Министерот Спасовски, пак, се заблагодари и на соработката со МВР на Словенија, кое изминатиот период донирало разна опрема за специјализирани воздухопловни операции меѓу кои и оваа опрема за болнички транспорт. Како што рече, монтажата и демонтажата на медицинскиот пакет е процес кој не одзема многу време т.е за десетина минути хеликоптерот може да се доведе од која било конфигурација во конфигурација за меѓуболнички транспорт и обратно.