Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека тоа што го кажала американската амбасадорка Ангела Агелер дека системот ја убил 14-годишната Вања Ѓорчевска, и тој самиот го зборувал често во јасноста и пред медиумите. Менување и консолидација на системот, вели тој, мора да се прави брзо и ефикасно.
„Јас тоа го зборувам често и пред медиумите. И кога говорев за неказнивоста на сите оние кои ја крадеа државата, го уништуваа народот во изминатиот период и беа главни во општеството без да носат одговорност итн. Сето тоа е нешто што мора да си го разбереме и прифатиме како состојба која треба да се менува“, изјави Спасовски.
А на прашањето, дали неговото МВР се препознава во пораките на Агелер дека институциите треба да се прашаат како дозволиле да се случи на дете, министерот ги прозва и другите надлежни органи.
„Јас одговорив. Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и во однос на извршувањето на санкциите. Така да не ни се случува кога МВР ќе ги приведува и за кратко време да ги видиме дома или без одредување соодветни мерки или со неизвршувањето на санкциите итн. На пример како случај, се сеќавате на обидот и нападот на началникот на полицијата во Струга. Тоа е сепак затоа што се водеа истраги против одредено лице кое беше оставено на слобода“, рече Спасовски.
Видете и ова: Постапката за екстрадиција на Палевски може да трае со месеци
Министерот пред медиумите не откри нови сознанија околу убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и на Панче Жежовски (74) од Велес, за кои е осомничена иста група.
Сите работи околу случајот, рече Спасовски, се доставуваа и „во текот на истрагата информациите барајте ги од јавното обвинителство“.
Зборувајќи за овој случај, американската амбасадорка во интервју за емисијата „Стадион“ на Канал 77 емитувано вчера (16 декември) рече дека системот не успеал да ѝ помогне на младата Вања.
„Се работи за криминалци, за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни, и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворани. Не биле апсени и целосно гонети за нивните претходни злосторства. Не морале да ја платат таа цена, и цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената. Срцепарателно е, апсолутно е срцепарателно, и сега не е време за политизација. Време е за институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе. И да се прашаат, што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државава?“, рече Агелер.
Шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО), кое ја води истрагата, Гаврил Бубевски, во последниот јавен настап не откри нови детали. Рече дека материјалните докази зборуваат на ист јазик како и осомничените. Меѓутоа, за мотивите и за други детали посочи дека ќе се произнесат со обвинението што ќе го поднесат до судот.
Видете и ова: Бубевски за случајот со Вања: Доказите зборуваат на ист јазик со осомниченитеВо случајот со двете убиства, првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, кој првично беше во бегство, но потоа беше фатен во градот Баликесир во Турција. Во моментов тој се наоѓа во екстрадициски притвор и во тек е постапката за негова екстрадиција во земјава.
Палевски е осомничен за две кривични дела грабнување и две убиства на свиреп начин. Како соизвршители за истите дела се гонат уште три лица кои беа приведени на 3 декември. Петтиот осомничен е таткото на Вања од кого, според првичните сознанија од исказите на останатите осомничени, Палевски добил информации кога девојчето ќе биде само.
Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Нејзиното тело беше пронајдено 3 декември во близина на Скопје. Во близина на Велес, пак, истиот ден беше пронајдено телото на Жежовски кој исчезна на 22 ноември.