Украина лансираше десетици беспилотни летала на цели во јужна и западна Русија, додека Москва гаѓаше локации во Украина со најмалку една балистичка и една крстаречка ракета, заедно со беспилотни летала.
Најмалку едно лице загина во украинскиот крајбрежен регион Одеса во текот на ноќта на 17 декември, изјави регионалниот гувернер, кога остатоци од соборено руско беспилотно летало погодиле станбена зграда.
Севкупно, како што соопштија украинските воздухопловни сили, Русија истрелала најмалку една балистичка ракета „Искандер“ и една крстосувачка ракета заедно со 20 беспилотни летала камикази. Ракетата „Искандер“ „не ја достигна целта“, соопшти војската во објава на Телеграм, но не даде дополнителни детали.
Руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека соборило 33 украински беспилотни летала над регионите Липецк, Волгоград и Ростов.
Видете и ова: Продолжуваат воздушните напади во УкраинаСо почетокот на зимата во Украина, Русија ја засили својата воздушна кампања, користејќи ракети и беспилотни летала за да ја нападне цивилната инфраструктура и да го тероризира украинското население.
На 16 декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја зајакне воздушната одбрана на земјата и оти ќе ја продолжи својата меѓународна дипломатска офанзива за да продолжи приливот на помош.
„Се подготвуваме за натамошно зајакнување на противвоздушната одбрана“, рече Зеленски во своето ноќно видеообраќање.
„Темата за противвоздушна одбрана се појавува на речиси секој состанок во разговорите со светските лидери. Ќе има повеќе системи, повеќе заштита за небото“, додаде тој.
Зеленски, исто така, вети дека ќе продолжи со својот глобален дипломатски притисок за помош и поддршка како што се приближува сезоната на празници.
„Доаѓа Божиќ“, рече тој. „Иако политичката активност може да се релаксира во многу земји, ние продолжуваме ригорозно да работиме со сите партнери кои можат да помогнат сега и да пружат поддршка во иднина“.
Коментарите на Зеленски уследија по бурното меѓународно патување со мешани резултати – вклучително и застанувања во Аргентина, САД, Норвешка и седиштето на американската војска во Германија – додека тој се обидува да обезбедува и понатаму пратки со оружје и друга помош.
На дводневниот самит претходно оваа недела, лидерите на Европската унија го заобиколија унгарското противење и го одобрија почетокот на преговорите за прием на Украина во блокот. Сепак, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека ќе го блокира големиот финансиски пакет за Киев.
Лидерите на ЕУ рекоа дека би можеле да се свртат кон алтернативен план кон крајот на јануари или почетокот на февруари, кој наводно ќе се состои од заеми за Киев наместо од директни грантови.
Видете и ова: Бриселски блог: „Скриеното“ значење на двете реченици на ЕУ за УкраинаАмериканскиот претседател Џо Бајден, во меѓувреме, се бори да постигне договор со републиканците во Конгресот за усвојување на закочениот закон за поддршка на Украина.
Републиканските пратеници го блокираа планот на Белата куќа за финансирање на одбраната од 110 милијарди долари за Украина и Израел, инсистирајќи помошта да биде придружена со голема ревизија на американската гранична безбедност и политиката за имиграција.
Руските сили, пак, речиси секој ден вршат напади со беспилотни летала врз украинските региони и градови. Украина спроведе своја, далеку помала воздушна кампања против одредени руски цели, потпирајќи се единствено на својата флота со беспилотни летала.
На бојното поле, украинскиот Генералштаб објави дека продолжуваат повеќемесечните напори на Русија да го опколи источниот град Авдијевка, во областа Доњецк.
Руските сили направија бавен напредок во заземањето на главно уништениот индустриски град. Украинската војска соопшти дека украинските трупи „стојат на своето место“ соочени со најмалку 17 напади од руските сили во текот на претходниот ден.
Украинската војска, исто така, соопшти дека војниците продолжуваат да ги држат позициите на источниот брег на реката Днепар во регионот Керсон. Тој напор, кој вклучуваше опасни речни премини, резултираше со мал, слаб мостобран лоциран претежно околу градот Кринки. Украинските трупи, сепак, не успеаја да се пробијат и да стигнат појужно до брегот на Азовското Море.
Преминувањето преку реката е дел од поголемата украинска контраофанзива, започната во јуни, која пропадна, со малку стекната нова територија и значителни загуби во човечки ресурси и опрема. Русија напредуваше на неколку локации, вклучувајќи ги и Авдиевка и Купјанск, на север.
Зеленски сигнализираше дека украинските трупи би можеле да ја рекалибрираат својата стратегија, копајќи нова одбрана долж линијата на фронтот.