Три НАТО земји ќе го чистат Црното Море од руски и украински мини

Знак „Опасност! Мини!“ на градска плажа на брегот на Црното море во Украина, 14 ноември 2022 г.


Турција, Романија и Бугарија планираат да потпишат договор во јануари за заеднички план за расчистување мини што пловат во Црното Море како резултат на војната во Украина, изјави во саботата (16 декември) турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер, по неколкумесечни разговори меѓу сојузниците во НАТО, објави Ројтерс.

Црноморските држави Турција, Романија и Бугарија се состанаа со официјални претставници од Грузија, Полска и Украина во април 2022 година за да разговараат за деминирање по руската инвазија на Украина.

Министрите за одбрана на трите земји, разговараа за планот и на состанокот на НАТО во Брисел во октомври и во Анкара минатиот месец, додека работеа на финализирање на иницијативата.

Говорејќи пред новинарите на состанокот во Анкара, Ѓулер рече дека „Трилатералната иницијатива“ засега ќе ги вклучи само Турција, Романија и Бугарија, а нивните министри за одбрана планираат да одржат церемонија на потпишување во Истанбул на 11 јануари.

„Поради украинско-руската војна, мини се поставени и во украинските и во руските пристаништа. Тие понекогаш се отпуштаат и поради морската струја стигнуваат до нашите теснец“, изјави Ѓулер.

Тој додаде дека нивните бродови за деминирање ќе вршат постојани патроли до точката каде што завршува романската (морска) граница.

Велика Британија во понеделникот соопшти дека ќе префрли два брода – ловци на мини од Кралската морнарица на морнарицата на Украина додека формира нова поморска одбранбена коалиција со Норвешка за да помогне во зајакнувањето на украинските операции на море.

Турција, која одржува добри врски и со Киев и со Москва, исто така работи со Обединетите нации, Украина и Русија за да ја оживее црноморската иницијатива за жито од која Москва се откажа на почетокот на оваа година, иако нема знаци за напредок во тие разговори.