Продолжуваат воздушните напади во Украина

Сликата направена на 15 декември ги покажува последиците од неодамнешното гранатирање во Јасинувати, Украина, кој е под руска контрола.

Русија и Украина тврдат дека на 15 и 16 декември собориле десетици беспилотни летала над украинска територија во Крим кој е под руска окупација и во други делови на јужна и источна Украина, како и во Киев.

Украина вели дека руските напади биле насочени кон многу цивилни цели.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Украина е решена да мобилизира поддршка и „да работи со партнерите за зачувување на единството во одбраната на Украина“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко ги советуваше жителите да останат во засолништа, бидејќи противвоздушната одбрана околу главниот град гаѓаше кон повеќе дронови кои доаѓаа доцна во коќта на 15 декември.

Видете и ова: Украина тврди дека одбила голем напад од руски беспилотни летала

Шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко, подоцна изјави дека во градот нема жртви и дека штетата е ограничена.

Нападите со беспилотни летала во пограничните региони на Русија зачестија, а цел на напади се и Москва и нејзините предградија.

Руските сили речиси секој ден со дронови напаѓаат украински градови. Оваа недела беа извршени масовни напади со беспилотни летала на југот на Украина, а врз Киев беа истрелани балистички проектили, при што беа повредени десетици луѓе.

На 15 декември руското Министерство за одбрана објави дека неговите сили собориле 26 украински беспилотни летала над Крим.

Експлозии на противвоздушна одбрана одекнаа во пристанишниот град Севастопол на Крим, изјави гувернерот назначен од Москва, Михаил Развозаев.

Украинскиот Генералштаб соопшти дека во текот на ноќта уништил 31 од вкупно 32 руски дронови.

Најинтензивните борби се уште се водат во поголемиот дел од источна и југоисточна Украина.

Генералштабот соопшти дека неколкумесечните напори на Русија да го опколи градот Авдиевка во источниот дел на Доњецк продолжуваат, но тврди дека украинските војници „стојат на своето место“.

Исто така, се наведува дека украинските сили се уште држат позиции на левиот брег на реката Днепар во регионот Керсон.

РСЕ не може самостојно да ги потврди изјавите на ниту една страна за областите каде се водат најтешките борби.

Во едно од неговите редовни видео-обраќања за време на војната, Зеленски им рече на Украинците дека напорите се планирани за јануари, сигнализирајќи ја желбата на Киев да види напредок во запрените иницијативи на САД и ЕУ за обезбедување на десетици милијарди долари дополнително воено финансирање и помош.

„Следните недели ќе бидат активни и во нашата надворешна политика“, рече Зеленски и додаде: „А, веќе почнавме да планираме активности за јануари“.

„Ќе дадеме се од себе за да се осигураме дека Украина е силна и дека следната година сите ќе можеме да бидеме безбедни -- безбедни во одбраната, макрофинансиската и политичката поддршка“, рече тој.

Видете и ова: ЕУ ќе започне преговори за членство со Украина и Молдавија

Лидерите на Европската унија на Самитот на 14 и 15 декември се согласија да ги отворат преговорите за членство со Украина, иако таа продолжува да се бори против руската инвазија, но поради унгарското противење не можеа да се договорат за пакет финансиска помош од 50 милијарди евра за Киев.

Рускиот претседател Владимир Путин го искористи годишниот телевизиски настап оваа недела за да ја повтори својата посветеност на „специјалната воена операција“ на Кремљ во Украина, додека ја потврди својата желба да обезбеди петти мандат на претседателските избори закажани за март.