Владата на Израел одобри повторно отворање на граничниот премин Керем Шалом за влез на хуманитарна помош во Газа.
Ова е одобрено за првпат од почетокот на војната против Хамас на 7 октомври, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Одлуката е донесена по зголемениот притисок на САД и неколку часа откако американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, се сретна со властите на Израел.
Канцеларијата на Нетанјаху денеска(15.12) соопшти дека Израел, како дел од договорот за ослободување на 105 заложници од заробеништвото на Хамас, се обврза на крајот на ноември да дозволи влез на 200 камиони со хуманитарна помош дневно во Газа.
Досега, преминот Рафа кон Египет беше единствениот отворен за минување на помош, а таму дневно можеа да минуваат само околу 100 камиони, јавуваат израелските медиуми.
Меѓународната заедница го зголеми притисокот врз Израел да направи повеќе за да го заштти населението во Газа. Израел тврди дека преземале чекори за да ги предупредат жителите во некои области дека треба да ги напуштат овие места и најави напори за зголемување на количината на хуманитарна помош што е дозволена во Газа.
Видете и ова: Сведоштво од Газа: Во болница живеевме 38 дена
Хуманитарните агенции, пак, велат дека тоа се уште не е доволно и предупредуваат дека оние кои не биле убиени од нападите, можеби нема да преживеат глад и други болести.
Повеќето од 2,3 милиони жители на Газа се протерани од своите домови, а жителите велат дека е невозможно да се најде засолниште или храна во густо населената крајбрежна енклава.
Светската програма за храна на Обединетите Нации (ОН) објави дека половина од населението гладува. ОН проценуваат дека 1,9 милиони од 2,4 милиони луѓе на територијата се раселени поради војната, од кои половина се деца.