Контрола на летање најавува штрајк за Нова Година

Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје

Синдикатот на Контрола на летање М-НАВ најави предупредувачки штрајк на 25 декември од 10 до 17 часот и за Нова година, како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава, според претседателот на Синдикатот Александар Тасевски.

„Бидејќи е прекршена спогодбата помеѓу Синдикатот и директорите на М-НАВ за која гарант беше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, го реактивираме штрајкот на 25 декември од 10 часот до 15 часот, по што ќе се штрајкува и на 31 декември од 00.01 до 1 јануари во 23.59 часот“, потврди Тасевски за МИА.

Видете и ова: Штрајкот на контролата на летање одложен, авионите сепак ќе летаат


Доколку не бидат повлечени објавените огласи, тој најавува дека на 25 декември ќе нема полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а во тек на штрајкот за Нова година покрај блокада на авиосообраќајот на двата аеродрома нема да се опслужуваат ниту прелетите.

Според Синдикатот, договореното за роковите за времетретрање на огласите за вработување не се почитува, а кадарот кој сакаат да го вработат, „не е од суштинските дејности и не е потребен“.

„Станува збор за деловни асистенти и советник за човечки ресурси, место што според наши сознанија е за еден од поранешните директори во М-НАВ,“ рече Тасевски.

Едниот оглас, појасни, е со траење од 10 дена, наместо 10 работни, а другиот три дена од кои два се сабота и недела.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ: Директори на М-Нав за еден мандат заработуваат колку работник за два работни века

Синдикатот на контролата на летање најавуваше штрајк и во октомври, но по неколкучасовните преговори во Министерството за транспорт и врски кај министерот Благој Бочварски, најавениот штрајк беше ставен во мирување.

Барањата на Синдикатот на контролори за летање стогаш беа: подобрување на условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.