Ковачевски вели дека е демократски ставот на Заев за одбрана на Анѓушев

Димитар Ковачевски, премиер на РСМ

Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни така што не би можел да дадам дополнителни коментари, вели премиерот Димитар Ковачевски во однос на писмото што поранешниот премиер Зоран Заев го испрати по одлуката на Соединетите Држави да го стави поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа.

„САД се наш стратешки партнер и тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури што се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам ниту, пак, имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни, така што не би можел да дадам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД“, изјави денеска Ковачевски.

Видете и ова: Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САД

Прашан дали има информации кои лица од неговата партија може да се најдат на црната листа на САД, Ковачевски со одговор дека нема да коментира процеси во кои Владата не е вклучена.

„Не би можел да шпекулирам или да коментирам за процес во којшто Владата на ниту еден начин не е вклучена, така што тоа е прашање што ќе мора да го упатите до оние кои водат такви процеси, а овде се работи за САД. Меѓутоа, Владата во ниту еден момент не е контактирана во однос на ова прашање“, рече Ковачевски.

САД го стави поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа поради вмешаност во значителна корупција. Поточно, како што стои во образложението, тој ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопал довербата на јавноста во владините институции и јавни процеси.

По ставањето на Анѓушев на црната листа на САД, со писмо до јавноста се обрати поранешниот премиер Зоран Заев во кое посочи дека Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во периодот додека тој бил премиер.