Завршува процесот на пререгистрација на табличките на северот на Косово

илустрација

Граѓаните во четири општини на северот на Косово кои не ги пререгистрирале своите таблички КМ (Косовска Митровица) во РКС (Република Косово) нема да смеат да учествуваат во сообраќајот од 16 декември.

КМ табличките ги издаваат српските власти, но Косово ги смета за нелегални.

„Пререгистрацијата важи и за другите регистарски таблички издадени од Србија за градовите во Косово, како на пример ПР (Приштина), ПЗ (Призрен), УР (Урошевац) и така натаму, потврди за РСЕ Нора Фетоши“, портпаролка на Министерството за внатрешни работи на Косово.

Овие таблички беа укинати во општините јужно од Ибар пред десет години, но досега КМ се толерираше во четири општини на север.

„По истекот на овој рок, односно по 15 декември, граѓаните кои не ги регистрирале своите автомобили и по одлуката на Владата на Косово, ќе се вбројуваат како сопственици на нерегистрирани автомобили и нивното возење нема да биде дозволено“, изјави Фетоши.

Видете и ова: Владата на Косово го продолжи рокот за пререгистрација на возилата од српски на косовски таблички

Таа објаснува дека редовната полиција прво ќе запира возила со КМ таблички и ќе ги одземе со парична казна, а доколку истиот автомобил се движи без таблички, полицијата ќе го одземе. Рокот за пререгистрација на овие возила требаше да истече на 1 декември, но Владата на Косово од технички причини го продолжи за уште 15 дена.

Според податоците на Владата на Косово, од 1 ноември до 14 декември 3405 граѓани ги замениле српските регистарски таблички со косовски, главно во општините Северна Митровица и Лепосавиќ.

Видете и ова: Српската војска во состојба на готовност поради ситуацијата на Косово

Во текот на целиот процес од годинава, во РКС се пререгистрирани вкупно 4210 автомобили.

Прашањето за регистарските таблички на КМ е актуелно од минатата година и предизвика низа кризи на северот на Косово, излегување на Србите од косовските институции, но и протести и барикади.