Соработниците на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во петокот изјавија дека сè уште не се знае каде се наоѓа, откако затворските власти соопштија дека тој повеќе не е во казнената колонија каде ја отслужува казната.
Навални, поранешен адвокат кој се прослави со исмејување на елитата на претседателот Владимир Путин и обвинување за масовна корупција, во август беше осуден на дополнителни 19 години затвор, покрај 11 и пол години што веќе ги одлежа.
Неговите помошници, кои се подготвуваа за негово префрлање во колонија на „специјален режим“, највисоко ниво во рускиот затворски систем, изјавија дека адвокатите не го виделе Навални од 6 декември.
Адвокатот на Навални, Вјачеслав Гимади, рече дека затворските службеници во петокот рекле пред судот дека Навални ја напуштил затворската установа ИК-6 во Мелехов, 235 километри источно од Москва. Не кажаа каде е однесен.
„Не е познато каде е одведен“, рече портпаролката на Навални, Кира Јармиш, додавајќи дека на адвокатите им било кажано дека на 11 декември тој го напуштил Владимирскиот регион, каде што се наоѓа ИК-6.
Видете и ова: Навални префрлен во притвор во Москва поради нов случај кој се води против него
Навални доброволно се врати во Русија во 2021 година од Германија, каде што беше лекуван поради, како што покажаа западните лабораториски тестови, обид да се отруе со нервен агенс.
Навални вели дека бил отруен во Сибир во август 2020 година. Кремљ негираше обид да го убие и рече дека нема докази дека бил отруен со нервен агенс.
Неговите поддржувачи го гледаат како руската верзија на Јужноафриканецот Нелсон Мандела кој еден ден ќе излезе од затвор и ќе ја води својата земја.
Руските власти сметаат дека тој и неговите поддржувачи се екстремисти со врски со американската разузнавачка агенција ЦИА, кои се обидуваат да ја дестабилизираат Русија. Тие го забранија неговото движење, принудувајќи многу од неговите следбеници да избегаат во странство.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер во понеделникот изјави дека Вашингтон е длабоко загрижен за Навални и ги потсети руските власти дека тие се одговорни за она што му се случи.