Зеленски ги повика лидерите на ЕУ да дадат зелено светло за отворање преговори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 14 декември ги повика лидерите кои присуствуваат на самитот на Европската унија во Брисел да дадат зелено светло за отворање преговори за членство на Киев во Унијата.

Тој порача дека негативното гласање ќе ги „издаде“ европските соништа на Украинците и ќе ја охрабри Русија во нејзините агресија врз Украина.

На самитот ќе доминира судирот меѓу лидерите на ЕУ и премиерот на Украина Виктор Орбан, кој се противи на тоа Киев да започне преговори за членство во Унијата.

Пред почетокот Орбан им рече на новинарите дека Украина се уште не ги исполнува критериумите „засновани на заслуги“ за влез во ЕУ и дека за ова прашање не треба ниту да се разговара.

Зеленски им се обрати на лидерите преку видео врска.

„Денеска Ве замолувам една работа - не го изневерувајте народот и нивната вера во Европа“, рече Зеленски во обраќањето до лидерите.

„Луѓето во Европа нема да видат никаква корист ако Москва добие пропусница од Брисел во форма на негативен глас кон Украина. Путин сигурно ќе го искористи тоа против вас лично и против цела Европа“, предупреди Зеленски.

Видете и ова: Орбан: Украина се уште не ги исполнила критериумите за влез во ЕУ


Орбан, кој одржува топли односи со Путин, се спротивставува на пакетот финансиска помош од 50 милијарди евра (54 милијарди долари) за Украина и е против отпочнување преговори за членство со Украина. Украина и Молдавија во јуни минатата година обезбедија кандидатски статус за ЕУ.

Во последниот обид да се предомисли Орбан, Европскиот совет соопшти дека шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц ќе се сретнат со унгарскиот лидер пред самитот.

Зеленски рече дека неговата земја, на која и се потребни средства од ЕУ за помош на нејзината економија да опстане во наредната година, ја завршила домашната задача и ги исполнува неопходните критериуми и покрај тоа што е вовлечена во војна за опстанок против инвазивните руски сили.