МВР ќе набави налепници за регистарски таблички со код НМК за 2,3 милиони евра

Возила со НМК ознака на регистарски таблички

Министерството за внатрешни работи (МВР) за речиси 2,3 милиони евра ќе набави налепници за регистарски таблички на возила со новата ознака „НМК“, наместо досегашната „МК“.

Договорот е за период од три години.

Добитник на тендерот е компанијата КВАНТУМ од Скопје заедно со германската „ЕХА Хофман интернационал“.

Според Преспанскиот договор, што Северна Македонија го склучи со соседна Грција личните документи и патните исправи треба да бидат со името Северна Македонија, а регистарските таблички со кодот НМК.

Според последните статистички податоци во 2021 година во земјава се регистрирани 559 илјади моторни возила.

Видете и ова: Налепница наместо нови регистарски таблички?


Земјата има рок од пет години, односно до 12 февруари 2024 да ги промени документите. Но МВР се реши наместо нови таблици со ознака НМК, возилата да добијат само налепници, со оваа ознака.


Според договорот објавен на страницата на електронскиот систем за јавни набавки компаниите кои го добиле тендерот за налепниците со НМК, за чифт регистарски таблички понудиле цена од 540 денари плус ДДВ од 97,2 денари, односно 637,2 денари. Во зависност од димензиите на налепница за регистарската табличка понудени се цени од 25 до 35 денари по налепница, плус ДДВ.

Првата испорака треба да почне 30 дена од потпишувањето на договорот, а набавката ќе се реализира според потребите кои ќе ги утврди МВР.

Македонија на 17 јуни 2018 потпиша договор со соседна Грција за промена на името во Република Северна Македонија, по што се овозможи влез во НАТО.

Овој договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година, што значи дека личните документи, патните исправи и регистарските таблички треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.