Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска по пристигнувањето на самитот на Европскиот совет изјави дека стабилноста најдобро се овозможува со проширувањето.
Тој рече дека проширувањето е „најсилниот капацитет за стабилност“ што го има ЕУ, не само кога станува збор за Украина, туку и за земјите-кандидати на Балканот и рече дека затоа е важно да се донесат правилни одлуки на денешниот самит.
Борел на новинарите пред самитот им изјави дека прашањето за проширувањето ќе биде важен дел од дискусиите на самитот што се одржува денеска и утре.
„Проширувањето е најважната надворешна политика“, нагласи Борел.
Видете и ова: Орбан: Украина се уште не ги исполнила критериумите за влез во ЕУ
Тој во Брисел изјави дека ЕУ мора да ја поддржи Украина „колку што е можно“ и посочи дека тоа е егзистенцијално прашање за Европа.
Борел посочи дека за време на самитот ќе ги извести лидерите за работата поврзана со безбедносните обврски на Украина.
Во Брисел денеска се одржува дводневен Самит на ЕУ на кој главни теми ќе бидат политиката на проширување на ЕУ, вклучително и процесот на стабилизација и асоцијација, најновите случувања со руската агресија врз Украина и континуираната поддршка на Унијата за земјата и украинскиот народ, ситуацијата на Блискиот Исток и предложената ревизија на повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година.