Чешкиот кабинет одобри нов предлог за зголемување на квотите за работниците од други земји, меѓу кои и од Северна Македонија, истовремено намалувајќи ги ограничувањата за Украинците.
Владата на Чешка планира да го зголеми бројот на работни визи за луѓето кои работат во земјоделството, прехранбената индустрија и шумарството од 1500 на 2500. Таа промена се однесува за работници од Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија и Северна Македонија.
Чешката влада на почетокот на годинава соопшти дека, преку своите нови специјални визни мерки, има за цел да го зголеми бројот на странски работници во земјата за 20 000 годишно.
Видете и ова: Клучните фактори за иселување и работа во странство - угоре високо, удолу длабокоВо услови на постојан недостиг на работна сила во таа држава, Министерството за труд сака да привлече повеќе странски работници. Министерот за труд Маријан Јуречка соопшти дека властите одобриле зголемување на квотата за аплицирање за Филипинци кои бараат деловни визи од 5000 на 10 300.
Министерот за земјоделство Марек Виборни објасни дека нема доволно работници во земјоделството, особено за време на жетвата кога има од 8 000 до 10 000 непополнети позиции.
Градежната индустрија во Чешка има недостиг од околу 60 000 работници, а транспортните фирми предупредуваат на дефицит од 25 000 до 28 000 професионални возачи во следната година.