Израел продолжи со нападите врз Појасот Газа и покрај засилените меѓународни повици за намалување на цивилните жртви и справување со растечката хуманитарна катастрофа.
Во центарот на Рафа, во јужната крајбрежна енклава, 24 лица загинаа во израелски напад кој погоди две куќи, објавија медиумите на Хамас рано во четвртокот.
„Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, кој ќе престојува во Израел во четврток и петок (14 и 15 декември) ќе разговара со израелските лидери за потребата војската да биде попрецизна во нападите врз цели на Хамас“, изјави за новинарите портпаролот Џон Кирби.
Речиси половина од муницијата воздух-земја што ја користел Израел во Газа во војната со Хамас на 7 октомври била ненаведувана, проценуваат американските разузнавачки служби.
„Околу 40-45 отсто од 29 000 артилериски муниции воздух-земја што ги користеше Израел беа ненаведувани, а остатокот беше муниција со прецизно наведување“, се додава во извештајот на Си-Ен-Ен.
Видете и ова: САД и Велика Британија воведоа дополнителни санкции за претставници на Хамас
Израел вели дека неговата воздушна и копнена офанзива во Газа има за цел да го уништи Хамас, по упадот на групата во јужен Израел на 7 октомври.
Во меѓувреме за жителите на Појасот Газа кои ги преживеале израелските бомби и куршуми, постои ризик од појава на разни болести.
„Недостигот од храна, чиста вода и засолниште исцрпи стотици илјади трауматизирани луѓе и со здравствениот систем на колена, неизбежни епидемии ќе ја зафатат палестинската енклава,“ изјавија лекари и хуманитарни работници за Ројтерс.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) од 29 ноември до 10 декември, случаите на дијареја кај децата на возраст под пет години скокнале за 66 отсто, а 55 отсто за остатокот од населението во истиот период.
Од таа агенција на ОН велат дека овие податоци се нецелосни поради колапсот на системите и службите во Појасот Газа поради војната.