Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна на самитот на ЕУ со одлука да го попречи секој обид на колегите лидери да започнат преговори за членство на Украина.
Пред почетокот Орбан им рече на новинарите дека Украина се уште не ги исполнува критериумите „засновани на заслуги“ за влез во ЕУ и дека за ова прашање не треба ниту да се разговара.
„Нема да се оддалечиме од ова“, предупреди тој.
Тој, исто така, рече дека Украина исполнила три од седумте услови што ЕУ ги постави за започнување на пристапните преговори.
Лидерите на ЕУ се очекува да гласаат за тоа дали да почнат преговори за членство на Украина за време на самитот во Брисел што започнува денеска. Орбан остана на ставот дека ќе го блокира предлогот, кој бара едногласна одлука од лидерите на сите 27 земји на блокот.
Видете и ова: Дали парите ќе го „смират“ Орбан?Говорејќи пред пратениците во унгарскиот Парламент вчера, Орбан рече дека времето за внесување на Украина во ЕУ „се уште не е дојдено“ и дека развојот на стратешко партнерство со Киев треба да биде предуслов за почеток на преговорите за членство.
Како што пренесуваат странските агенции, Киев очајно се обидува да го подобри наративот откако претседателот Володимир Зеленски не успеа во Вашингтон да ги придобие републиканските пратеници кои ја блокираа поддршката од САД.
Но, Орбан, најблискиот сојузник на Русија во Европската Унија, како што е наведено, стои на патот на надежите на Украина за финансиска помош од 50 милијарди евра и напредок кон нејзината цел еден ден да се приклучи на блокот.
Критичарите го обвинија унгарскиот лидер дека го држи во заложништво преживувањето на Киев во обид да го принуди Брисел да ослободи милијарди евра од фондовите на ЕУ замрзнати поради спорот за владеење на правото.