Претставничкиот дом на Соединетите Држави ја одобри истрагата за импичмент на претседателот Џо Бајден, кој републиканците го обвинуваат дека неправилно профитирал од деловните активности на неговиот син Хантер во странство.
Истрагата беше одобрена со гласање на кое сите 221 републиканец беа за, иако постои загриженост кај некои членови на Републиканската партија дека досегашните напори за импичмент не нашле докази за погрешно постапување од страна на Бајден.
Сите демократи во Долниот дом на Конгресот беа против покренување на истрагата и речиси е сигурно дека Бајден нема да биде сменет во овој процес. Дури и ако Претставничкиот дом гласа за негово отповикување, Сенатот ќе треба да гласа со двотретинско мнозинство за да го осуди за кривични обвиненија, што е речиси невозможно бидејќи демократите имаат мнозинство од 51 спрема 49 во тој дом.
Видете и ова: Американскиот обвинител назначи специјален советник во истрагата за синот на БајденСепак, гласањето за импичмент би можело да им помогне на републиканците да ги наведат наводите за корупција на Бајден да доминираат во кампањата за претседателските избори следниот ноември. Во ретка изјава за процесот на импичмент, Бајден ги доведе во прашање приоритетите на републиканците во Претставничкиот дом.
„Наместо да направат се за да им помогнат да го подобрат животот на Американците, тие се фокусирани на мене да ме напаѓаат со лаги“, рече Бајден по гласањето во Претставничкиот дом.
На истрагата особено инсистираше поранешниот претседател Доналд Трамп кој побара од своите сојузници меѓу републиканците брзо да покренат постапка за импичмент на Бајден, со кој би можел да се соочи на претседателските избори.
Одлуката да се гласа за истрагата дојде кога претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и неговиот тим беа под зголемен притисок да покажат напредок во речиси едногодишната истрага за зделките на членовите на семејството Бајден.
Иако нивната истрага покрена етички прашања, досега не се појавија докази дека Бајден делувал коруптивно или примал мито за време на неговото претседателствување или додека служел како потпретседател на Барак Обама.