ЕУ ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и повикува на забрзување на процесот на пристапување, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни услови и принципот на индивидуални заслуги, се наведува во завршната Декларација на самитот ЕУ - Западен Балкан што денеска(13.12) се одржа во Брисел.
„Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. ЕУ ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се заложат за основните европски вредности и принципи. ЕУ ја поздравува повторената посветеност на партнерите од Западен Балкан за приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото“, пишува во декларацијата.
Видете и ова: Ковачевски од Брисел: Процесот на уставни измени ќе продолжи„Проширувањето е процес базиран на заслуги, но при тоа мораме да ја имаме предвид специфичната состојба во која се наоѓа Европа“, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според него, во последниве месеци во ЕУ е развиена поголема волја за забрзување на проширувањето, но тоа не значи дека може веднаш да се отстранат пречките што постојат во овој процес.
Фон дер Лајен рече дека Европската комисија сака отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија по Првиот кластер – Основи што е можно поскоро, како и почеток на преговорите со Босна и Херцеговина кога ќе ги исполни поставените критериуми за тоа. Во однос на Црна Гора, според неа, има нов момент со нова Влада која се враќа на европскиот пат, додека за Србија и Косово останува да ја покажат нивната посветеност на дијалогот и имплементација на досега договореното.
Во документот се додава дека согласност со Декларацијата од Тирана од декември 2022 година, ЕУ ја нагласува потребата од одржливи и неповратни реформски достигнувања за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции, економијата и реформите на јавната администрација.
„Се покомплексната геостратешка средина, во која доминира руската агресија врз Украина и која е силно обележана со кризата на Блискиот Исток, продолжува да ја става на ризик европската и глобалната безбедност. Тоа ја покажува важноста на единството и целта во рамките на европското семејство и на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан што ќе донесе уште поблиски врски и поинтегрирана соработка со ЕУ, заснована на заеднички принципи и вредности“, се наведува во текстот.
Според учесниците на Самитот, застанувањето заедно со ЕУ е јасен знак за стратешката ориентација на партнерите повеќе од кога било во светлината на руската агресија врз Украина и другите безбедносни предизвици.
Натаму во документот се вели дека е потребно партнерите од Западен Балкан да се посветат на инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ.
„Важно останува билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и
соработка со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Се уште се неопходни одлучни дополнителни напори за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, а исто така и да се пронајдат и да се спроведат конечни, инклузивни и обврзувачки решенија во однос на регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите“, пишува во Декларацијата.
Лидерите потенцираат дека ги поддржуваат напорите на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања и нагласуваат дека очекуваат конструктивен ангажман за брз напредок во нормализирањето на нивните односи.
Во Декларацијата се поздравуваат одлуки за иницијативи поврзани со регионалната трговија, модернизацијата на платежни системи, соработката во сферата на транспортот и врските, спроведувањето на зелените политики, намалувањето на трошоците за роаминг, како и отворањето на Европскиот колеџ во Тирана.
Во документот се нагласува и важноста на изградба на цврста економска основа за иднината и заеднички справување со негативното влијание на руската агресија врз Украина и зајакнување на безбедноста и градење на отпорност на земјите од регионот, како и справувањето со манипулациите, странските влијанија, дезинформациите и други хибридни и кибер закани, со кои се прават обиди за поткопување на стабилноста на регионот, демократските процеси и неговата перспектива за членство во ЕУ.
„Луѓето од целиот регион на Западен Балкан од следната година ќе можат да патуваат без виза во Шенген зоната. ЕУ го поздравува напредокот постигнат во усогласувањето со визната политика на ЕУ од страна на неколку партнери од Западен Балкан и побара дополнително усогласување за да се спречи злоупотребата на системите за миграција и азил на земјите-членки на ЕУ“, пишува во документот.
Видете и ова: ЕУ со убави вести за Албанија, за С. Македонија „појасна слика“ најавуваат за утреПремиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пред почетокот на самитот изјави дека предлог заклучоците се многу јасни и дека Северна Македонија ќе продолжи со реформите, „а уставните измени се процес кој е неминовен и на крајот ќе резултира со успешно завршување на преговорите“.
Самитот, што се одржува во пресрет на дводневниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел, е можност да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата, како и потребата за одржливи и неповратни реформски достигнувања на шесторката од Западен Балкан, засновани на вредностите и принципите на Унијата, соопшти Советот на ЕУ.
Заедно со лидерите на ЕУ и нејзините 27 земји-членки, на Самитот учествуваа премиерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, Димитар Ковачевски, Ана Брнабиќ и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и Косово, Јаков Милатовиќ и Вјоса Османи и претседавачот со претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Претходниот самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан се одржа во Тирана во декември 2022 година. Тоа беше првиот самит ЕУ-Западен Балкан одржан во тој регион.