Во Брисел попладнево (13 декември) почна самитот Европска Унија - Западен Балкан со фокус на натамошното зближување на двете страни, како и на одредени спорни прашања.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пред почетокот на самитот изјави дека предлог заклучоците се многу јасни и дека Северна Македонија ќе продолжи со реформите, „а уставните измени се процес кој е неминовен и на крајот ќе резултира со успешно завршување на преговорите“.
Ковачевски посочи дека тоа е обврска што е многу јасно нотирана во Извештајот и во самите предлог заклучоци стои дека штом, тие амандмани ќе бидат донесени, веднаш ќе биде одржана втора меѓувладина конференција.
Видете и ова: Мишел: Западниот Балкан е подеднакво важен, не можеме да ја одвоиме одлуката за Украина од другите земјиСоветот на ЕУ вчера објави дека главни теми на разговор ќе бидат продлабочувањето на политичкиот ангажман со Западен Балкан, приближувањето на партнерите од тој регион до Унијата и подобрувањето на нејзината постепена интеграција, градењето економски основи за иднината и ублажувањето на влијанието на Руската агресивна војна против Украина, како и зајакнување на безбедноста.
Самитот, што се одржува во пресрет на дводневниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел, е можност да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата, како и потребата за одржливи и неповратни реформски достигнувања на шесторката од Западен Балкан, засновани на вредностите и принципите на Унијата, соопшти Советот на ЕУ.
Заедно со лидерите на ЕУ и нејзините 27 земји-членки, премиерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, Ана Брнабиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и Косово, Јаков Милатовиќ и Вјоса Османи и претседавачот со претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ ќе учествуваат на самитот.
На крајот на самитот се очекува лидерите да усвојат заедничка декларација со која треба да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и посветеноста на земјите од регионот на реформите и вредностите на Европската Унија.
Претходниот самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан се одржа во Тирана во декември 2022 година. Тоа беше првиот самит ЕУ-Западен Балкан одржан во тој регион.