САД и Велика Британија воведоа дополнителни санкции за претставници на Хамас

Газа - Палестинци во камп за расселени лица во Рафа, каде се засолнија повеќе цивили, додека продолжуваат борбите меѓу Хамас и израелските сили, 13.12. 2023

Соединетите Американски Држави(САД) и Велика Британија воведоа дополнителни санкции за официјални лица и поддржувачи на палестинската милитантна група Хамас, соопшти американското Министерство за финансии.

Санкциите се насочени кон осум лица кои ги застапуваат интересите на Хамас во странство и управуваат со нејзините финансии. Претставници на Министерство за финансии велат дека „целиот имот и интересите во имотот“ лоциран во САД ќе бидат замрзнати и мора да бидат пријавени во Канцеларијата за контрола на странски средства.

Сите ентитети во сопственост, директно или индиректно, од 50 проценти или повеќе, исто така, ќе бидат замрзнати - освен ако нема посебно овластување дадено од Стејт Департментот на САД.

Видете и ова: Франција воведе санкции за шефот на Хамас во Газа


Во соопштението на американското Министерство за финансии се додава: „Покрај тоа, финансиските институции кои не се од САД и други лица вклучени во одредени трансакции или активности со санкционирани субјекти и поединци може да бидат изложени на ризик од санкции или да подлежат на извршни дејства“.

Осум лица поврзани со Хамас беа додадени на оваа последна рунда санкции. Станува збор за Харун Мансур Јакуб Насер Ал-Дин, шеф на канцеларијата на Хамас во Ерусалим и еден од клучните финансиски оперативци на Хамас во Турција; Али Абед Ал Рахман Барака, шеф на националните надворешни односи на Хамас со седиште во Либан; Махер Реби Обеид, висок политички лидер на Хамас кој е и дел од Политичкото биро на Хамас од 2010 година и Хасан Ал-Вардијан, висок функционер на Хамас и клучна фигура во Витлеем кој го претставува Хамас

Последната рунда санкции, како и претходните три рунди, има за цел да го прекине финансирањето на Хамас по нејзиниот напад на Израел на 7 октомври.

Видете и ова: Трета рунда американски санкции за Хамас

Израел вети дека ќе го избрише Хамас од лицето на земјата, откако членовите на оваа милитантна група ја пробија граничната ограда околу Појасот Газа на 7 октомври, односно поминаа низ околните израелски градови убивајќи цивили.

Израел информираше дека на 7 октомври се убиени 1.200 луѓе, а околу 240 лица се однесени во Газа како заложници, што е најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на оваа држава.

Околу две третини од целокупното население на Газа од 2,4 милиони жители останаа без покрив на глава , не можејќи да побегнат од пренаселената територија, на која се случува сериозен недостиг на храна, гориво, вода и лекови.