Генералното собрание на ОН во вторникот со големо мнозинство усвои необврзувачка резолуција со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа.
153 земји-членки гласаа „за“, 10 беа „против“, а 23 „воздржани“.
Меѓу земјите кои ја поддржаа резолуцијата беа сите од Западен Балкан, додека Израел, САД и Германија, меѓу другите, беа против.
Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и ги одразуваат глобалните ставови во однос на војната во Појасот Газа.
Резолуцијата, исто така, бара од сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право, особено во однос на заштитата на цивилите.
Видете и ова: Се зголемува притисокот врз Израел да направи повеќе за да го заштити населението во ГазаДополнително, се повикува на итно и безусловно ослободување на сите заложници и обезбедување пристап до хуманитарна помош до Појасот Газа.
Нацрт-резолуцијата беше поднесена од групата од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка.
Гласањето во вторник доаѓа откако САД на 8 декември ставија вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот во двомесечната војна меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.
Ниту една земја нема право на вето на Генералното собрание.
Гласањето на 12 декември се одржа еден ден откако 12 претставници на Советот за безбедност на ОН ја посетија египетската страна на граничниот премин Рафах. Соединетите Држави не испратија пратеник на ова патување.
САД и Израел се противат на примирјето затоа што веруваат дека тоа само ќе му користи на Хамас. Наместо тоа, Вашингтон се залага за паузи за да се заштитат цивилите и да се дозволи ослободување на заложниците од Газа.