Бугарскиот министер за внатрешни работи Калин Стојанов и порача на Австрија дека Бугарија инсистира да стане полноправна членка на Шенген зоната за отворено патување, откако Виена се согласи само за делумно членство на Бугарија и Романија. Австрија на 10 декември соопшти дека ќе им дозволи на двете источноевропски земји да се приклучат на Шенген само за авионски патувања и во замена за засилено обезбедување на надворешната граница на ЕУ.
„Бугарија и Романија ги исполнија сите критериуми за полноправно членство во Шенген“, рече Стојанов на средбата со австриските и романските колеги Герхард Карнер и Каталин Предоју на 12 декември во Словенија.
Вчера Владата на Бугарија ја укина таксата за транзит на руски гас низ нејзина територија. Таксата беше воведена во октомври со очекување Владата да прибере околу 2,4 милијарди евра од транзитот на рускиот гас низ територијата на земјата.
Видете и ова: Бугарија ја укинува таксата за транзит на руски гас
Партиите ГЕРБ и „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) предложија законски измени, со кои ќе се одложат таксите за транзит на руски гас низ Бугарија. Ова го изјавија лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и копретседателот на ПП-ДБ Кирил Петков.
Аргументот што тие го изнесоа беше приемот на Бугарија во Шенген и ветото на Австрија на тоа. Уште пред неколку месеци експертите изјавија дека воведувањето на таксата има за цел да му пркоси на австриското вето.
Во исто време, австрискиот министер за внатрешни работи рече дека Виена е подготвена да ги отстрани граничните контроли за бугарските и романските граѓани, но само за воздушниот сообраќај.
Петков, изјави дека ваквата одлука е во рамки на определбата на Бугарија да го следи заедничкиот европски пристап.
Шенген зоната моментално вклучува 27 држави, од кои 23 се членки на ЕУ и над 423 милиони жители. Ставот на Австрија е дека „шенгенот мора да стане подобар, а не поголем“.