Во Брисел ќе се одржи самитот ЕУ - Западен Балкан

илустрација

Во Брисел денеска (13 декември) ќе се одржи самит Европска Унија - Западен Балкан со фокус на натамошното зближување на двете страни, како и одредени спорни прашања.

Советот на ЕУ вчера објави дека главни теми на разговор ќе бидат продлабочувањето на политичкиот ангажман со Западен Балкан, приближувањето на партнерите од тој регион до Унијата и подобрувањето на нејзината постепена интеграција, градењето економски основи за иднината и ублажувањето на влијанието на Руската агресивна војна против Украина, како и зајакнување на безбедноста.

Самитот, што се одржува во пресрет на дводневниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел, е можност да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата, како и потребата за одржливи и неповратни реформски достигнувања на шесторката од Западен Балкан, засновани на вредностите и принципите на Унијата, соопшти Советот на ЕУ.

Видете и ова: Фајон на состанокот на министрите на ЕУ: Не смееме да го заборавиме Западен Балкан

Заедно со лидерите на ЕУ и нејзините 27 земји-членки, премиерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, Ана Брнабиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и Косово, Јаков Милатовиќ и Вјоса Османи и претседавачот со претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ ќе учествуваат на самитот.

На крајот на самитот се очекува лидерите да усвојат заедничка декларација со која треба да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и посветеноста на земјите од регионот на реформите и вредностите на Европската Унија.

Претходниот самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан се одржа во Тирана во декември 2022 година. Тоа беше првиот самит ЕУ-Западен Балкан одржан во тој регион.