САД со нови санкции за компании кои ја снабдуваат Русија со оружје

Руско знаме, нови санкции против Русија и компании кои ја снабдуваат оваа земја со оружје (илустративна фотографија)

Администрацијата на Бајден погоди стотици луѓе и фирми од Русија, Кина, Турција и Обединетите Арапски Емирати со економски и дипломатски санкции во вторникот, бидејќи САД таргетира и земји кои ги смета за поддржувачи на руската инвазија во Украина.

Последната рунда санкции доаѓа во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски е во посета на Вашингтон и тоа со цел да упати апел за поголема финансиска поддршка, додека неговата нација се бори против руската инвазија која ќе влезе во својата трета година во февруари.

Ваквите казни направија Русија да биде најсанкционираната земја во светот, но новите санкции допрва треба да и нанесат удар на руската економија.

Новиот пакет санкции е насоченкон мултинационална мрежа за набавка на оружје предводена од кинескиот државјанин Ху Ксиаоксун, односно неговата приватна одбранбена компанија со седиште во Кина, „Џарвис“, како и кон мрежа на соработници кои ја координираат продажбата на оружје од кинеско производство во Русија.

Претставник од компанијата „Џарвис“ не одговори на новинарско прашање од „Асошиетед прес“ за коментар во однос на најновите санкции.

Видете и ова: Зеленски од Вашингтон предложи создавање европски одбранбен центар во Украина

Дополнително, група фирми со седиште во Турција, ОАЕ и Малдиви кои се вклучени во процесот на производство на оружје, исто така се цел на економски санкции.

Заедно со санкционирањето на оние кои ја поддржуваат војната и испраќаат оружје, Стејт департментот санкционираше и три субјекти вклучени во развојот на рускиот терминал за течен природен гас, Уст-Луга, кој во моментов е во изградба, а кој треба да биде управуван од мултинационална енергетска компанија, која во најголем дел ќе биде во руска државна сопственост.

„САД и нејзините партнери се обединети во нашата континуирана поддршка на Украина во лицето на руската неиспровоцирана, неоправдана и нелегална војна. Ќе продолжиме да ги користиме алатките што ни се на располагање за да промовираме одговорност за руските злосторства во Украина и оние кои ја финансираат и поддржуваат руската воена машинерија“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Наметнатите санкции го блокираат пристапот до САД на повеќе лица и компании, се со цел да се спречат овие физички и правни лица да имаат какви било бизнис врски со Американци во време кога се уште трае војната инвација на Русија врз Украина.