Се зголемува притисокот врз Израел да направи повеќе за да го заштити населението во Газа

Газа, конфликт Палестина - Израел (Илустративна фотографија)

САД, главниот партнер на Израел, повторува дека треба да се направи повеќе за да се заштити народот во Газа додека израелската воена офанзива против Хамас се интензивира, при што цивилните жртви се зголемуваат и хуманитарната криза бргу се влошува.

Откако на почетокот на овој месец истече привремениот прекин на огнот, се погласни се предупредувањата од високи американски претставници.

Пред неколку дена, државниот секретар Ентони Блинкен рече дека сè уште постои „јаз“ помеѓу она што израелските власти го кажуваат и она што го прават на терен.

Ова следуваше по силните зборови на министерот за одбрана Лојд Остин, кој рече дека убивањето на цивили во голем број ризикува да ја претвори тактичката победа на Израел во Газа во стратешки пораз, што пак според него може да го одведе населението во „прегратките на Хамас“.

Видете и ова: Израел продолжува да ја бомбардира Газа по тврдењата дека Хамас е блиску до „колапс“

Со зголемувањето на притисокот пак од меѓународната заедница, Израел тврди дека преземале чекори за да ги предупредат жителите во некои области дека треба да ги напуштат овие места и најави напори за зголемување на количината на хуманитарна помош што е дозволена во Газа.

Хуманитарните агенции, пак, велат дека тоа се уште не е доволно и предупредуваат дека оние кои не биле убиени од нападите, можеби нема да преживеат глад и други болести.

Повеќето од 2,3 милиони жители на Газа се протерани од своите домови, а жителите велат дека е невозможно да се најде засолниште или храна во густо населената крајбрежна енклава.

Светската програма за храна на Обединетите Нации (ОН) објави дека половина од населението гладува. ОН проценуваат дека 1,9 милиони од 2,4 милиони луѓе на територијата се раселени поради војната, од кои половина се деца.