Беса Адеми: Ако има постапка за мое разрешување ќе барам да биде јавна

Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, вели дека доколку евентуално има постапка за нејзино разрешување ќе бара таа постапка да биде јавна.

„Мојата работа и работата на Врховниот суд се позитивно оценети во извештаите на ЕУ, евентуално такво барање мора да ги има предвид и овие факти и аргументи. Знаете сите дека постапките по вакви барања се од доверлив карактер, но јас би барала јавност на постапката со цел пошироката јавност соодветно да биде информирана“, рече судијката на конференција на Институтот за комуникациски студии (ИКС) кога ја прашаа како го коментира тоа што никој не демантира дека во Судскиот совет против неа има иницијатива за разрешување.

Судијката Беса Адеми на почетокот на ноември во интервју за порталот „Сакам да кажам“ јавно ги осуди политичките притисоци врз неа и врз институцијата што ја води, особено по барањето за враќање на аболицијата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година.

Адеми потоа беше повикана во Судскиот совет, но, одби да се појави. Преку соопштение тогаш порача дека е убедена оти по добивањето на извештаите на ЕУ и на Оценската мисија за работата на самиот Совет, ќе се отворат суштински прашања за проблемите во судството.

Инаку, по изјавата за политичките притисоци, имаше оркестриран напад кон претседателката на Врховен преку портали кои, како што објави Радио Слободна Европа на 20 ноември, се регистрирани на име на компанијата „Инфините солутионс 2023“.

Оваа фирма е сопственик на 10 портали (колку што успеа да пронајде РСЕ), а на половина од нив беа објавени напади кон Адеми.

Како сопственичка на оваа фирма до пред извесно време се водеше Иљириана Бајрами. Таа, како што објави и порталот „Призма“, е сопруга на Кујтим Бајрами, кој, пак, е шеф на кабинетот на директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.

Видете и ова: Портали за фалење на ДУИ и оцрнување на неистомисленици

Веќе на 22 ноември, направена е промена во сопственоста на компанијата, покажува проверката на измените во Централниот регистар.

Името и презимето на Иљириана Бајрами повеќе не фигурира во „Инфините солутионс 2023“. Таа повеќе не е ниту сопственик, ниту управител на компанијата.

Како нов сопственик и управител на „Инфините солутионс 2023“ е впишано лицето Алберт Амиди, кој исто како и Бајрами е од Ваксинце, Липково.