Шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, вели дека материјалните докази во истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски одат во насока на тоа што тројца од осомничените го зборувале во исказите пред полицијата и обвинителството.
„Во однос на фактите кои произлегуваат од целокупниот доказен материјал, конечно ќе се произнесеме во обвинение. Истрагата, во однос на дејствијата е на тоа ниво на ќе ви кажав и минатиот пат на прес-конференција, а се испитуваат нормално материјалните докази. И можам само да ви кажам дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик на кој зборуваа осомничените“, рече Бубевски.
Обвинителот не одговори дали мотивот останува ист – користољубие, како што првично соопшти обвинителството врз основа на исказите од осомничените.
„За тоа ќе се произнесе обвинителството кога ќе ја заокружи фактичката состојба со соодветно обвинение“, вели Бубевски.
Видете и ова: Девојчето Вања жртва на „алчност за пари“, јавноста во шокВо случајот со двете убиства, првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, кој првично беше во бегство, но потоа беше фатен во градот Баликесир во Турција. Во моментов тој се наоѓа во екстрадициски притвор и во тек е постапката за негова екстрадиција во земјава.
Палевски е осомничен за две кривични дела грабнување и две убиства на свиреп начин. Како соизвршители за истите дела се гонат уште три лица кои беа приведени на 3 декември. Петтиот осомничен е таткото на Вања од кого, според првичните сознанија од исказите на останатите осомничени, Палевски добил информации кога девојчето ќе биде само.
Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Нејзиното тело беше пронајдено 3 декември во близина на Скопје. Во близина на Велес, пак, истиот ден беше пронајдено телото на Жежовски кој исчезна на 22 ноември.