Во сметките за струја се воведува нова давачка за пристап до мрежа

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ)

Фиксен надоместок наречен „пристап до мрежа“ ќе биде впишан во сметките за струја и ќе важи за сопственици на викендички, напуштени куќи или имоти на лица кои со години се во странство затоа што одржувањето на мрежата е многу скапо, најави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), на денешната прес-конференција.

Надоместокот за пристап кон мрежа, вели Бислимоски, се воведува заради правична распределба и е во интерес на домаќинстват и ќе доведе до намалување на цената за мрежарина. Во моментот се прават анализи колку ќе биде износот на овој надоместок, но тој, според РКЕ, ќе биде би изнесувал од 50 до 250 денари. Со неговото воведување се очекува мрежарината да се намали до 20 проценти што пак би значело намалување на крајната цена за редовните потрочувачи за околу 8 проценти, ако се има предвид дека мрежарината учествува со околу 30 проценти во вкупната цена.

„Не верувајте што кажуваат дека тоа е екстра трошок. Апсоултно нема да биде екстра трошок. Да престанат шпекулациите дека тоа ќе биде екстра давачка и дека некој ќе заработи дополнително. Тие пари ќе бидат во рамки на одобрениот приход на компанијата која врши дејност за дистрибуција на електрична енергија. За сметка на тие пари, ќе се намали цената на мрежарина“, рече Бислимоски.

Видете и ова: Евтина струја, засега, преку ден ќе „бројат“ само новите броила


Тој посочи дека потрошувачката на електрична енергија е намалена за 10 проценти и „не е фер товарот да падне само на редовните потрошувачи“. Со овој надоместок повеќе ќе плаќаат оние кои имаат повеќе станови или викендици.

„Целта ни е да го заштитиме редовниот потрошувач. Имаме голем дел од домаќинствата кои трошат минимално електрична енергија во текот на годината. Досега целиот товар паѓаше на редовните потрошувачи кои ги покриваат трошоците на сите останати. Сега правиме правична распределба на трошокот за електрична енергија“, рече Бислимоски

Тој кажа дека доколку се прифатат барањата од компаниите, зголемувањето на цената на струјата би било за 27 проценти. Почнуваат анализите за цената на струјата и до крајот на следната недела се очекува да се донесат цените за МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.

Видете и ова: ЕВН ќе ја пресметува цената, Регулаторна ќе ја „аминува“


Барања поднеле овие три компании, но дел од нив, како што рече Бислимовски, не се целосни поради тоа што тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и Електродистрибуција го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.

„Затоа РКЕ не може точно да каже колку МЕПСО побарал и колку има побарано Електродистрибуција. Исто така имаме информација кај тендерот за универзалниот снабдувач дека ЕСМ понудил цена и веќе тоа е цена која ќе се реализира од 57 евра за мегават час наместо претходните 53 евра за мегават час и наместо обезбедување на вкупните потреби од 100 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде 95 проценти“, појасни Бислимовски.

Потоа согласно измените на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач ќе треба да направи пресметки кои треба да ги достави на контрола во РКЕ.

Од 2024 година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.