Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во Вашингтон каде треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, повика на создавање на европски воен центар во Украина.
Зеленски е во Вашингтон за да се заложи пред Конгресот на САД да одобри продолжување на американската воена помош на Киев.
Зеленски треба да им се обрати на американските сенатори во 9 часот по источноамериканско време (15 часот по средноевропско време) и да се сретне со претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, чии колеги - републиканци го блокираа предлог-законот што вклучува десетици милијарди долари воена помош за Украина.
Двајцата лидери ќе разговараат за, како што наведе Белата куќа, „итни потреби“ со кои се соочува Киев во борбата против руската инвазија.
Видете и ова: Зеленски од Вашингтон - Секое одложување на воената помош значи остварување на сонот на Путин
Зеленски рано во вторникот (12.12) на мрежата Икс (поранешен Твитер) наведе дека на состанокот со лидерите на американските одбранбени компании го претставил предлогот за формирање на европски одбранбен центар во неговата земја што ќе го забрза и зголеми производството на воена опрема и муниција.
„Се сретнав со лидерите на американските одбранбени компании и изразив благодарност до секој американски работник кој произведува оружје што ни помага да ги заштитиме нашиот народ и нашата земја“, рече Зеленски.
„Исто така, предложив формирање на европски одбранбен центар во Украина. Подготвени сме да ги донесеме сите суштински одлуки, да ја намалиме бирократијата и да дистрибуираме нарачки. Подготвени сме да произведеме повеќе муниција и воени возила, но ни треба поддршка. Важно е да се развие заедничко производство на артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана и артилериски и ракетни системи“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател е во САД откако го откажа видео-обраќањето на 5 декември до американските сенатори, бидејќи дебатата се вжешти за барањето на Бајден од речиси 106 милијарди долари за финансирање на војните во Украина и Израел.
Во октомври, администрацијата на Бајден побара од Конгресот да усвои пакет помош што ќе вклучува не само помош за Украина и Израел, туку и средства за безбедноста на границите, но Претставничкиот дом, контролиран од републиканците, го отфрли барањето, велејќи дека законот нема реформи за имиграцијата.
На 11 декември, Зеленски им рече на воените лидери и студентите на Универзитетот за национална одбрана во Вашингтон дека неговата земја смета на поддршката од САД и дека „нема да се откаже“.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да загуби. Знаеме што да правиме. Можете да сметате на Украина, а ние исто толку се надеваме дека можеме да сметаме на вас“, рече Зеленски.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вети „непоколеблива“ поддршка за Киев и предупреди дека Путин сè уште се надева дека ќе победи во војната против Украина, и покрај големите загуби на Кремљ во конфликтот што започна со инвазијата во февруари 2022 година.
„И покрај неговите злосторства и покрај неговата изолација, Путин сè уште верува дека може да ја надживее Украина и да ја надживее Америка. Но, тој греши“, рече Остин.
Администрацијата на Бајден се обидува да убеди многу опозициски републиканци за потребата да продолжат да му помагаат на Киев.
Зеленски рече дека „ако има некој инспириран од нерешените прашања на Капитол Хил, тоа е само Путин и неговата тајна клика“.
„Украинците не се откажаа и нема да се откажат“, рече украинскиот претседател.
Зеленски, исто така, се состана со шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева во понеделникот(11.12) во Вашингтон, откако извршниот одбор на организацијата ослободи дополнителни 900 милиони долари од пакетот заем од 15,6 милијарди долари за Украина.
„Разговаравме за извонредната издржливост на народот на Украина и покрај огромниот данок на војната“, рече Георгиева.
Шефицата на ММФ кажа дека украинската економија има „силни резултати“ и дека нејзиниот проектиран раст оваа година е најмалку 4,5 отсто, додека инфлацијата продолжува да паѓа, со годишна стапка од 5,1 отсто во ноември.