Ризикот од појава и проширување на епидемија на мали сипаници во земјава се зголемува, предупредуваат лекарите.
Тие велат дека во услови на намален глобален опфат со МРП вакцина за прва доза, од 83 отсто и втора доза, од 74 проценти, што е далеку под опфат од 95 отсто, неопходен за постигнување на колективен имунитет, се зголемува ризикот од епидемија на мали сипаници.
На денешниот брифинг со новинарите, здравствените работници потсетија дека последната епидемија на мали сипаници беше во 2019 година, кога заболеа 1901 лице.
„Над 80,5 отсто од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивната вакцинална кампања со МРП вакцинација, со која беа опфатени над 44 000 деца до 14 годишна возраст, како најефикасна противепидемиска мерка. Таа година, опфатот со МРП вакцина надмина 93 проценти и за прва, и за втора доза. Но, веќе следната година со почеток на Ковид-19 пандемијата, вакциналниот опфат се намалува на 63,0 отсто за прва доза и 68,5 проценти за втора доза“, информираат од Институтот за јавно здравје.
Видете и ова: Романија прогласи епидемија на мали сипанициВо следните две години се бележи скромно зголемување кое достигна 70,7 отсто за прва доза и 89,2 проценти за втора доза, во 2022 година.
Лекарите алармираат дека нискиот опфат последните две години доведува до зголемување на бројот на невакцинирано, осетливо население на мали сипаници.
Пред неколку денови романското Министерство за здравство прогласи епидемија на сипаници на национално ниво поради алармантно зголемување на случаите низ целата земја.